Понекогаш е исцрпувачко да се грижиме за мало дете и нервите честопати ни се истенчени, но ситуацијата не мора да биде толку комплицирана.

Многу родители се прашуваат дали ги прават работите како што треба за да му овозможат на своето дете подобар развој на мозокот, а благодарение на многубројните совети од книгите и социјалните мрежи, тие честопати не ни знаат од каде да почнат. Но, работата е во основа многу едноставна. Ова го тврди британското водечко хуманитарно здружение за деца „Ен-ес-пи-ес-ес“ кое, меѓу другото, сака да поттикне создавање на подобра средина за децата со песна, игри и забава.

– Програмата е развиена за да им помогнеме на родителите во развојот на децата откако преку истражување откривме дека две третини од родителите не разбираат дека развојот на детскиот мозок е двострана акција што зависи и од нив – објаснува Хелен Вастерман.

Таа вели дека советите што ги смислиле се дизајнирани да бидат забавни и да се фокусираат на предметите што луѓето ги имаат дома. На овој начин децата ќе научат да препознаваат различни звуци, бои, изрази на лицето и ќе можат да повторуваат зборови.

– Овие совети, исто така, ќе им помогнат на родителите да ја зајакнат врската со детето. На пример, ако го гледате детето и правите смешни гримаси, ќе ја зајакнете врската што веќе ја имате. Родителите што ги искористија нашите совети велат дека забележале како нивните деца сега можат да пеат и да плескаат со рацете самостојно. Ова може да им помогне на родителите подобро да го искористат времето и да си играат со децата – вели таа.

Сите совети родителите можат лесно да ги вклопат во нивната секојдневна рутина, и тие се многу едноставни.

1. Пријател за вежбање

Поканете го вашето дете да ви помогне да вежбате. Држете го додека правите стомачни, прво полека, а потоа побрзо. Зборувајте со него за вашата брзина. Подигнете ги нозете над главата пред повторно да ги спуштите на земја. Потоа зборувајте за големината на нозете.

Информации за развој на мозокот: физичката близина ја зајакнува врската со детето создавајќи љубов и доверба. Гориво за мозокот е вашата врска.


2. Облечи се сам

Понудете му на вашето дете повеќе комбинации на облека, а потоа прашајте го што сака да облече. На пример, прашајте го дали сака да носи зелени или црни чорапи. Потоа, шегувајте се и прашајте дали ќе ги стави на главата. Потоа охрабрете го детето само да се облече и пофалете го колку е внимателно.

Информации за развој на мозокот: Ова ќе му помогне на детето полесно да се справи со чувствата. Така го учите вашето дете полесно да се контролира во тешки моменти. Оваа способност е неопходна за развој на пријателства и решавање проблеми.

3. Луда хигиена

Забавувајте се со вашето дете во бањата. Кажете му да оди да ги измие рацете, но наместо тоа измијте му ги нозете. Глумете дека сте изненадени и кажете: – Ау, па тоа се нозете. Каде ти се рацете? Како што растат децата, можете да вклучите и други делови од телото, на пр., зглобовите, дланките, ушите и слично.

Информации за развој на мозок: Детето учи да се фокусира слушајќи ги вашите зборови. Играјќи ја оваа игра, му помагате во помнењето. Истовремено, тоа практикува флексибилност во спротивставување на мислењата и учи нови зборови на забавен начин.

4. Голема прегратка – мала прегратка

Кога е време за прегратка, прашајте го детето дали сака голема или мала прегратка, а потоа почитувајте ја неговата желба и дајте му ја прегратката што ја побарало. Потоа префрлете се, па вие кажете дали сакате голема или мала прегратка. Дополнително, можете да ја збогатите играта со нови зборови, како тивка прегратка, скокотлива прегратка и слично.

5. Бу!

На колку начини можете да играте криенка? Покријте ги очите со вашите раце или користете капа или шал за да го покриете лицето. Одеднаш откријте го и кажете: – Бу! Потоа, сменете ги улогите за детето да може да се сокрие. Кога ќе престане да се крие, вие викнете: – Те гледам! Тоа треба да ве насмее.

Информации за развој на мозок: Оваа игра дополнително ќе ја зајакне врската што ја имате. Гледајќи ги изразите и движењата на лицето, детето учи за доверба и приближување и оддалечување на предметите. Ова е важен дел од независноста.

Извор



912

X