Родителите се првиот и најважниот учител на детето, а вашето однесување зборува многу повеќе од зборовите, па затоа е важно секојдневно да се трудите да му бидете пример на вашето дете во создавањето добри навики и однесување. Тоа се ситуации во кои децата со задоволство ќе ве копираат, доколку им дадете шанса.

Редовно одржувајте ја хигиената

Ретко кога детето ги мие забите со задоволство и ретко му текнува да ги измие рацете откако ќе дојде од градинка или парк. Одржувањето редовна хигиена на забите, рацете и на телото нека биде ваш мал семеен ритуал, секогаш кога имате можност. Измислите песна што ги придружува овие дејства или инсталирајте ѕвонче во тоалетот на кое може да заѕвонат само членовите на семејството што ги измиле рацете, забите и телото.

Извинете се кога ќе направите грешка

Ако сакате да воспитувате дете кое ќе ја преземе одговорноста за неговото однесување, мора да бидете пример за такво однесување. Не постои такво нешто како совршен родител и секој родител понекогаш греши, но искреното извинување може да направи голема разлика во вашата врска и во градењето здрав став за грешките и одговорноста.

Покажете им дека е во ред да прават грешки

Совршенството е недостижно и единствено што можеме да направиме е да дадеме сѐ од себе, но неоспорно е дека понекогаш ќе грешиме и наместо да ги криеме грешките од нашите деца, треба да ги користиме како средство за учење. Дозволете му на вашето дете да види дека е во ред да направи грешка и дека нема потреба да создава драма или да развива чувство на вина. Бидете нежни со себе кога правите грешки пред вашите деца и фокусирајте се на можните решенија за проблемот.

Почитувајте го и сакајте го вашето тело

Ако сакате вашето дете да има здрава слика за себе и за своето тело, треба да ја негувате истата слика за вашето тело. Не дозволувајте вашето дете да ве види како се осудувате себеси во огледало и покажувате незадоволство од вашето тело. Обидете се да видите убавина и сила во него, а тоа чувство пренесете им го на вашите деца. Нашите тела се наш дом и носат огромна сила, а нивната убавина се рефлектира во нивната уникатност. Ова се вредностите што сакате да ги носат вашите деца.

Чувајте се

Дозволете му на вашето дете да види дека и во најтешките моменти си подарувате љубов. Без разлика дали станува збор за избалансиран оброк што ќе го подготвите, топла бања, нова фризура или, пак, ќе го слушате омилениот албум и ќе се опуштите со кафе. Не чувствувајте се виновни ако сте си посветиле одреден момент само за себе. Дозволете му на вашето дете да види дека грижата за себе е неопходна.

Покажете сочувство

Дозволете му на детето да ја види вашата емпатија и грижа за другите. Ако сретнете бездомник на улица, прашајте го дали е гладен или жеден и дали можете да му купите нешто за јадење. Ако вашиот партнер не се чувствува добро, покажете му на вашето дете како можете да помогнете некому со прегратка или топол збор. Направете го свесно за туѓите емоции и потреби.

Читајте

Децата што сакаат да читаат најчесто доаѓаат од семејства каде што читањето е вообичаено. Дозволете му на вашето дете да ве гледа со книга в раце. Читајте додека детето е во ваша близина, понудете му да ја прелистува сликовницата додека читате. Дајте му до знаење на вашето дете дека книгите и приказните се нешто со кое се релаксирате, се забавувате и се вреден дел од вашето домаќинство.

Автор: Сунчица Гот

Извор



912

X