Оние што сами ја одложиле вакцинацијата плашејќи се од Ковид-19 или пак ако детето, поради здравствена состојба, не можело да ја прими вакцината, да појдaт во вакциналниот пункт и таму имаат распоред како и кога да ги прими пропуштените вакцини

Лекарите од Клиниката за детски болести советуваат родителите да не се плашат и да ги однесат децата на вакцинација. Ако имаат пропуштени вакцини во вакциналните пунктови, ќе им кажат по кој распоред да ги примаат. Овие совети доаѓаат откако дел од матичните лекари се пожалија дека сè почесто имаат случаи кога родителите бараат од нив да им напишат потврда дека на нивните деца им е одложена вакцината или дека се поштедени од вакцинација за да можат да остварат некое право, како што е упис во градинка и во училиште или, пак, за издавање потврда за додаток за трето дете.

– Родителите нема потреба да одат кај матичните лекари и да бараат вакви потврди и мислења бидејќи тие не ги издаваат. Потврда дека се редовно вакцинирани се издава во превентивните пунктови за вакцинација. Некое дете ако не треба да прими одредена вакцина или треба примањето да се одложи, вакво мислење издава Клиниката за детски болести. Оние што сами ја одложиле вакцинацијата плашејќи се од Ковид-19 или ако детето, поради здравствена состојба, не можело да ја прими вакцината, да појдaт во вакциналниот пункт и таму имаат распоред како и кога да ги прими пропуштените вакцини – вели д-р Катерина Ставриќ од одделот за имунологија на Клиниката за детски болести.

Таа објаснува дека родителите не треба да се плашат и дека и во состојба кога има пандемија на Kовид-19, токму со примање на вакцините од редовниот календар за имунизација на децата им се зголемува општиот имунитет и можноста да се заразат се намалува, а ако сепак се заразат, да не заболат од Ковид-19 или, пак, болеста да ја поминат со лесни симптоми.

– Нема причина да ја одложуваат вакцинацијата. Кај нас не дошле да бараат вакви потврди за одложување на вакцините, ниту пак има таков притисок. И пред пандемијата, а и сега многу е мал бројот на деца на кои им издаваме мислење за времено одложување на некоја вакцина или за ослободување од вакцинација поради одредена здравствена состојба. За тоа треба да им има медицинска основа – вели д-р Ставриќ.

Дел од матичните лекари се пожалија дека минатиот месец имало многу случаи кога родители од нив барале да им издадат потврда дека децата им се ослободени од вакцинација за да можат да остварат дел од правата за упис во градинка, училиште или надомест за трето дете.

Според д-р Лилјана Којиќ, педијатар и матичен лекар, дел од родителите се заканиле дека ќе одат кај друг матичен лекар за да ја добијат оваа потврда откако таа ги одбила со објаснување дека не смее да даде ваква потврда. Таа рече дека случаите ги пријавила во Фондот за здравствено осигурување за да испитаат дали некој од нејзините колеги, кај кои заминале пациентите, дал ваква потврда.

Инаку, според податоците од извештајот за реализација на Годишната програма за имунизација што го изготвува Институтот за јавно здравје, а објавен на веб-страницата на Министерството за здравство, вакцинација на новороденчиња во породилиштата во земјава се врши само за два вакцини, против туберколоза и против хепатит Б, а останатите децата ги примаат во вакциналните пунктови во 35 здравствени домови низ земјата.
Во извештајот нема податок за опфатот на деца со вакцините од календарот за задолжителна вакцинација поради преоптовареност на епидемиолошките служби при центрите за јавно здравје со следење на пандемијата на Ковид-19. Како што стои во извештајот, овие податоци се во фаза на прибирање и обработка. За реализација на оваа програма, за лани биле предвидени 487, 9 милиони денари или 7,933 милиони евра кои, според извештајот, се целосно искористени.



912

X