Откако советував деца и семејства речиси 20 години, открив дека има една работа што им е заедничка на сите родители: сакаат да одгледаат здраво и среќно дете. Кои се важните совети за кои родителите треба да бидат свесни за да се осигурат дека одгледуваат добри деца во ова време?

Ако гледате многу телевизија, тогаш можеби мислите дека материјалните работи се важни за децата. Но, вистината е дека она што го сакаат децата е времето поминато со своите родители. На тоа најмногу ќе се сеќаваат. Што ве спречува да поминувате време со своите деца? Работата, мобилните телефони или драмите со пријателите и семејството? Сигурно има уште работи на листата. Сепак, семејството треба да биде приоритет. Па започнете со прашањето упатено кон детето: „Како ти помина денот?“ Прашајте го што се случувало, што било добро, а што лошо, кои игри ги играло на одмор. Има неколку родителски совети кои може да ги примените во однос на воспитувањето здрави и среќни деца:

Допрете го вашето дете

Како општество, малку сме подзаборавиле на моќта на допирот. Но, всушност, така се поврзуваме како луѓе. Држете го своето дете в прегратка. Не оставајте го само да се исплаче. Како што ќе расте, сè повеќе ќе го цени ваквиот пристап – дека секогаш сте биле тука за него.

Негувајте култура на благодарност

Идентификувајте за што сте благодарни. Започнете со едноставни работи, како покрив над главата и топол кревет за спиење. Детето учи од она што вие го кажувате и правите. Кога ќе негувате култура на благодарност, создавате и пат за креирање сочувство и надеж.

Пејте му на своето дете

Децата обожаваат да го слушаат гласот на родителите. Не грижете се за тоа како звучите, само пејте. Може да ја пеете омилената песна на детето или некоја со неговото име. Гледајте како му светкаат очите додека пеете. Кога ќе го чуете детето како пее некоја песна, приклучете му се.

Уживајте во нередот заедно

Тешко е, но ќе ви недостигаат моментите на радост со децата кои сте ги пропуштиле поради средување на нередот. Нема да биде важно колку е неуредно бидејќи децата многу брзо растат. Не грижете се за тоа што мислат пријателите и семејството. Важно е детето да мисли дека сте тука за него и да имате емоционална меѓусебна врска.

Додајте позитивни афирмации во вашите дневни рутини

Запомнете, вашето дете се обидува да го најде своето место во светот. Не е секогаш лесно. Има многу возрасни кои сè уште го прават тоа. Афирмирајте ги позитивните избори што ги прави детето. Така тоа се справува со светот во кој живее. Тоа може да го сторите со зборови или говор на телото. Едноставна насмевка може да му каже на детето дека го одобрувате неговиот избор. Бидете отворени кон идеите на децата и оставајте ги да пробуваат нови работи.

Истражувајте го светот заедно

Секоја недела учете нешто ново за вашето дете. Земајте часови за готвење или танцување заедно. Не грижете се како изгледате. Детето ќе види дека имате и маани и ќе може да се поврзе со вас и така ќе му дадете до знаење дека не треба да биде совршено. Сите добри родители прават грешки, дури и родителите со најдобри намери. Важно е да се учи од нив и да се научи и детето дека тоа е составен дел од животот. Не заглавувајте во минатото и не грижете се премногу за иднината. Не можете да се вратите назад и не можете да ја предвидите иднината. Останете во сегашноста и уживајте во времето што го имате со семејството.

Автор: Лиен Авила

Извор



912

X