Кој ќе ги чува откако ќе завршат часовите, ќе има ли дополнителна настава, дневен престој, ослободување, односно потврди за родителите кои ќе немаат кој да им ги земе од училиште… Многу прашања ги мачат родителите деновиве

Низа дискусии се водат кога е тема на разговор училишната настава од септември – за или против. Онлајн или во школо. Првачињата или сите ученици. Опасно или неопходно. А плус уште еден сегмент кој им задава немир, дилеми и проблеми на родителите е што ќе биде со децата до 10 години. Кој ќе ги чува откако ќе завршат часовите, ќе има ли дополнителна настава, дневен престој, ослободување, односно потврди за родителите кои ќе немаат кој да им ги земе од училиште… Многу прашања на кои нема одговор.

Кој ќе ги чува децата до 10 години?

Милена Г., мајка на Кирил, вели дека и таа и сопругот се со работни обврски кои им налагаат задолжително присуство на работа. Со потврдата за деца до 10 години таа последниве месеци е дома. Ако тргне Кирил на училиште, таа вели дека ќе мора да оди на работа, па по часовите ќе нема кој да го чува и се плаши и дека ѝ се заканува отказ.

– Доколку училиштата почнат со работа, а часовите се скратени, ако нема дневен престој, поголем проблем би настанал. Ќе мора да одам на работа, а сепак детето ќе треба некој да го згрижи по часовите. Мора да се најде решение за секој проблем пред да се пуштат училиштата – вели таа.

Со слични тешкотии се соочуваат и самохраните родители. Велат дека не секој има баби и дедовци што би им излегле во пресрет.

– Досега со потврдите на некој начин се справувавме, се чувавме, учевме дома, а сега откако ќе тргнат на училиште, ем сум на мисла како ќе биде таму, колку ќе биде безбедно, како ќе се реши сè, ем ме загрижува што ќе биде по часовите. Ќе воведат ли дневен престој, ќе има ли со кого да останат на училиште додека да завршам со работа. Во неизвесност сме како ќе се одвива целиот процес. А во секој случај мора да се најде решение кое ќе ги згрижи сите деца што немаат втора опција освен родителите. И морам да споменам дека не се веќе толку трпеливи на работа, се прави притисок да тргнам на работа. А верувам дека многу родители се во иста позиција, а знам и многумина што веќе добија отказ – вели Лидија, која е самохран родител на седумгодишната Кристина.

Многу дискусии

На социјалните мрежи исто така постојано е отворена оваа тема за разговор. Многу родители сметаат дека намерно се зборува и дава предлог да одат само децата од прво до трето на училиште за почеток, затоа што за тие деца родителите имаат потврда за седење дома и се ослободени од работа.

– Мислам дека намерно е кажано за децата од прво до трето одделение да одат на настава зашто ќе нема кој да ги чува и да не седиме ние родителите дома да учиме со нив, туку да одиме на работа. Друга логика за оваа поделба не можам да најдам. Еве и да се одлучат да одат на училиште со скратени часови, како очекуваат детето да биде два часа во школо. Родители го носат и го враќаат и да одат на работа. Колку време би имале така за да се посветиме на работните обврски, еден час, два часа? Што работа ќе завршиме за толку кратко време, не ми е јасно. Како децата ќе се описменат со 2 часа на ден, и тоа не ми е јасно. Како ќе се социјализираат со 2 часа во училиште кога се со маски и дистанца од 2 метра, и тоа не ми е јасно. Едноставно нема логика. Ниеден родител нема да го пушти своето дете во училиште – вели една мајка.

Други се огласуваат дека сè повеќе им се прави притисок што седат дома и земаат плата. Велат дека се бара опција да се укинат потврдите.

– Ако првачињата тргнат на училиште, ќе нема дневен престој, ќе нема целодневна настава, часовите велат дека ќе биле по 20 минути. Со овој предлог ќе бидат на училиште еден и пол час. Кој ќе ги чува по часовите? Немаат сите баба, дедо, дадилки – вели друг родител.

Дневен престој под посебни услови

Упативме прашање до Министерството за образование како планираат да го решат овој проблем за децата до 10 години, чии родители нема да можат да работат од дома, односно ќе мора да одат на работа до 17, 18 ч. кога училиштата ќе почнат да работат, а сепак ќе нема кој да ги чува децата по завршувањето на часовите, доколку нема дневен престој.

-Прашањето што го поставувате е регулирано со протоколот за реализација на учебната 2020/2021 година, кој во моментов е предмет на усогласување со Комисијата за заштита од заразни болести. Во истиот е предвидено училиштата да организираат продолжен дневен престој под посебни услови кои нема да ја загрозат безбедноста и здравјето на учениците, доколку се одлучи учебната година да започне и да се реализира со физичко присуство на учениците во училиште и доколку не биде донесена одлука за ослободување на родителите на учениците до 10-годишна возраст од реализација на работните обврски на работно место – изјавија на МОН.



912

X