Воспитување

Родителите можат да го заштитат детето од лошо друштво!

Професорката Милица Новковиќ се залага за изворно воспитување, воспитување што ги укинува наградите и казните, преголемата заштита и вербализмот. Таа за српскиот портал Still зборува за детската вљубеност, лошото друштво, но и првите лаги на децата. Еве како сето ова да го држите под контрола.

Дали постои начин да го заштитиме детето од лошо друштво? Дали воопшто можеме да контролираме со кого се дружи нашето дете?

Нашиот народ одамна кажал дека сличното привлекува слично. Ако воспитувате користејќи награди и казни, ако го занемарувате детето дозволувајќи му да прави што сака, со часови да поминува покрај најлоши виртуелни содржини, тогаш очекувајте дека ќе имате мрзливо, лакомо, насилно, автодеструктивно дете. Таквото дете ќе бара виртуелни содржини што се слични на него, како пукање, агресивни цртани филмови, на училиште и на улица ќе бара и ќе најде другари слични на него.

Ако го воспитувате детето без ниту еден модел, ако не ги контролирате неговите биолошки нагони со награди и казни, ако му дозволите да јаде кога е гладно, ако трпеливо чекате самото да направи сè што може само да направи, тогаш ќе имате задоволно и смирено дете. Ако рано сфатите дека не треба да ги контролирате ниту духовните нагони, туку треба да создадете добри услови тие да се развиваат, тогаш сте на добар пат да воспитате дете кое нема да биде поводливо, ќе биде свое и ќе бара луѓе слични на него.
Она што придонесува за одржување на хармонијата во семејството е умеењето да се постават здрави граници, кога е време за граници. Сè што не го загрозува животот на детето треба да му се дозволи, за да го искуси она за што има потреба. Будно следете ги причините за лошото однесување на детето – попуштање во учењето, дружење со проблематични деца…

Ако вашето дете секогаш има повеќе книги отколку екрани, ако е често во природа и во здрава, реална игра, тогаш бидете сигурни дека ќе му се придружуваат деца слични на него.

Ќе речете: „Нема такви деца, сите се пред компјутерите!“ Паметен родител знае како да изнегува добар другар за своето дете, од мали нозе. Забележете кое семејство во одделението на детето има слични цели во воспитувањето и почнете да се дружите, да разменувате искуства и да ги посоветувате да усвојат воспитување без казни и без награди. Значи, не можете да го држите детето под стаклено ѕвоно, дозволете му да види и лошо друштво и бидете сигурни дека ќе одбере луѓе слични на себе.

Колку можеме да му веруваме на своето дете кога ќе дојде со некаква приказна од училиште или сепак треба и мора одвреме-навреме да провериме дали ја зборува вистината?

Ако модерното казнување и модерното поткупување на детето се нормална појава во вашето семејство, тогаш слободно можете да очекувате дека лакомото, насилно и мрзливо дете често ќе лаже, штитејќи се себеси од вас и вас од себе. Сакале или не, вие секогаш ќе бидете принудени да го ловите во лагите, да трагате по вистината и кога ќе го фатите во лага, ќе го карате, па ќе го тепате или со часови ќе му зборувате дека не е убаво да се лаже.
Ако сте во изворно воспитување, детето од мали нозе е искрено кон вас бидејќи знае дека нема потреба да ве лаже затоа што секогаш ќе имате разбирање и ќе најдете начин заеднички да најдете решение, без оглед што се случило.
И каква грешка и да направи, нема да биде казнето, ниту ќе му го скратите ветеното, бидејќи грешките го зајакнуваат искуството и на децата и на родителите.

Кога станува збор за вљубувањето во раниот период: кога е време сериозно да се поразговара со детето на таа тема?

Денес кога детето од најрана возраст е изложено на најагресивни виртуелни содржини, а потоа и рано налетува на развратни филмски сцени, а не е необично ниту рано да гледа порнофилмови, очекувајте дека многу нешта ќе се покренат во детето кога не им е време.
На таквото дете нема да му биде тешко брз срам да ви каже дека се „вљубило“. Острото око на родителот лесно ќе ја забележи разликата дали таа „вљубеност“ е детска, како некаква симпатија или детето покажува чудна наклоност кон тоа друго дете.
Денес возрасните дури и ја поттикнуваат приказната за „вљубеноста“ кај многу мали деца.
Родителот кој воспитува без казни и без награди, знае дека на неговото дете не треба да му се достапни содржини кои поттикнуваат прерана сексуалност. Таквиот родител лесно препознава што е рана симпатија меѓу децата, што е вистинска вљубеност, а што е „вљубеност“ која поттикнува патологија.

Семејството во кое нема казни и награди знае дека прво треба да развие никулци на љубов во семејството, за детето да може да дава љубов и дека вљубеноста е само претходница на зрелата љубов.

Но, ако вашето дете каже дека се вљубило и затоа не може да учи, да работи, да биде смирено, обидете се да дознаете како тоа ја доживува состојбата на вљубеност и помогнете му ја ја надмине  ако станува збор за вљубеност како последица на прераната сексуалност. Отстранете ги причините, особено консумирањето виртуелни сексуални дразби и сè ќе си дојде на своето место.

Ме прашавте „Кога е време за разговор на таа тема“. Јас не би го формулирала прашањето на таков начин. Би прашала: „Како да ги распознавам вистинската детска вљубеност, симпатијата и онаа чудна „вљубеност“?
На тоа прашање би одговорила: „Детето треба да остане дете и ќе остане онолку колку што му одредила природата, ако родителите не го изложуваат своето дете на реални или виртуелни содржини кои прерано ја зајакнуваат сексуалноста на детето. Ако го прават тоа, тогаш нека не се чудат кога ќе чујат од сосема мало дете: „Мама, јас се вљубив“ и во таа реченица ќе почувствуваат дека нема детска наивност.

Тогаш ќе се уплашите кога ќе дознаете дека во градинката се бакнувале и се допирале. Тука не треба многу разговори, туку треба да се отстранат причините на овие прерани детски искривени потреби.

Поврзани написи

Прашај психолог

Рубриката „Прашај психолог“ овозможува стручна поддршка од психолози и психотерапевти на родителите при справување и решавање одредени актуелни прашања од психолошка природа на нивните деца. На прашањата одговараат психолози и психотерапевти соработници на Деца.мк.

To top