Воспитување

Родителите како робови

Луѓето што се држат до моделот за воспитување во кој љубов се дава без дисциплинирање, живеат во постојан страв дека детето ќе престане да ги сака и затоа му дозволуваат да се однесува како мал тиранин.

Ако една личност е подготвена да се жртвува заради некоја друга, тоа често се разбира како врвен израз на љубов. Многу современи родители ја изразуваат љубовта кон детето токму преку жртвување. Како што некој рекол: Децата денес се единствена вредност поради која луѓето би го дале својот живот. Секако дека родителите мора да се одрекнат од многу нешта во корист на своите деца, но постои јасна граница помеѓу одрекувањето и жртвувањето: одрекувањето е конструктивно, а жртвувањето е самодеструктивно.

Многу родители се заробеници на „идеологијата на среќно дете“ бидејќи веруваат дека нивното дете мора да има среќно детство за да израсне во самостојна и ментално здрава личност. За нив, родителите се добри кога сè прават за да го усреќат детето и да му создадат доживување на сакање. Задоволството се создава кога некому ќе му се оствари желба, а чувството на среќа – кога му се остварува некоја од најголемите желби. Покрај тоа, детето не ја разбира разликата помеѓу себе како личност и своите желби.

Подредени на малиот господар

Сето тоа доведува до тоа таквите родители да му се подредуваат на детето, неговата волја и желба. Тие несебично се жртвуваат за детето во својот обид во сè да му угодат. Како што отпорот на детето на обидите за дисциплинирање го доживуваат како можност за траума, тие ги повлекуваат своите барања и стануваат немоќни и попустливи родители. Луѓето што го застапуваат овој модел на воспитување, во кој сè е сведено на давање љубов без дисциплинирање, живеат во постојан страв дека детето ќе престане да ги сака и затоа му дозволуваат да се однесува како мал тиранин. А тие мали тирани знаат и да гребат, и да удрат, да гризат или да маваат со некој предмет по родителите кога не се задоволни од нивната услуга. Веќе во првите години од животот на детето односот помеѓу него и родителите може на набљудувачот да му изгледа како на однос помеѓу мал господар и неговиот возрасен роб.

А кога малиот тиранин ќе порасне, често станува голем тиранин. Иако пораснал, тој не сака да порасне и да преземе одговорност за себе и сопствениот живот. Наместо тоа, останува во симбиоза со родителите, кои ги финансираат неговите сè поголеми барања. Како што родителот се жртвува за своето дете, детето го гледа како жртва, односно како модел на возрасност со кој тоа не сака да се поистоветува. Таквиот родител од детска перспектива изгледа како некој што постојано работи, го живее животот полн со обврски, без доволно забава и уживање – како негативен пример. И затоа овие деца сакаат да живеат по пример на ликовите од медиумите и филмовите. Бидејќи тоа за повеќето не е возможно, се чувствуваат неуспешни, често обвинувајќи ги родителите за своите неуспеси. А оној што е виновен, мора да плаќа.

Во еден случај, возрасна ќерка бараше од родителите да ѝ го отстапат поголемиот, поудобен стан во центарот и да се преселат во оддалечената викендица во која немаше доволно услови. И тие се согласија. А кога возрасниот син или ќерка ќе се венча и ќе дојдат внуците, родителот е благодарен што му е дозволено да продолжи да му служи на младото семејство, од чување на детето, до готвење ручек, подготовки, финансиско помагање. Во случај некојпат да одбие, следуваат емоционални уцени: навреди, лутење и прекинување на односот. Како што тираните немаат сочувство, ниту емпатија кон своите поданици, така ги немаат ни овие возрасни деца. Во тоа светло треба да се гледа и на растечкиот проблем на насилство над постарите од страна на нивните возрасни деца.

Подготовка за самостоен живот

Додека кажаното важи за родителите што екстремно ги разгалиле децата, родителите кои премногу ги заштитуваат децата во сè гледаат преголем ризик за нивното немоќно дете. Нивните деца се исплашени од животот и од светот надвор од родителскиот дом, така што најчесто остануваат пасивни, без социјални вештини, во трајна симбиоза со родителите. Нивниот најголем страв е што ќе биде по смртта на родителите и дали ќе може да ја наследат пензијата.

Зошто родителите го прават тоа? Наједноставно кажано – од чувство на вина.

Тие на самиот почеток ја презеле на себе одговорноста за чувствата на своите деца. Ако детето е несреќно, тие се виновни за тоа и должни се да го усреќат. Тие се самопоништуваат себеси држејќи се до уверувањето дека децата се смислата на нивниот живот. Загледани во чувствата на детето, тие не гледаат дека цел на секој добар родител е да го подготви детето за самостоен живот во општеството. А за да се случи тоа, родителот мора да престане да биде одговорен за возрасното дете, бидејќи единствено така детето ќе прифати дека тоа самото е одговорно за себе и за сопствениот живот. Во еден момент, родителот мора да го поттикнува и охрабрува детето да се одвојува од родителскиот дом и да тргне по својот пат.

Автор: Зоран Миливојевиќ

Извор

Поврзани написи

Прашај психолог

Рубриката „Прашај психолог“ овозможува стручна поддршка од психолози и психотерапевти на родителите при справување и решавање одредени актуелни прашања од психолошка природа на нивните деца. На прашањата одговараат психолози и психотерапевти соработници на Деца.мк.

To top