Повеќе од една година од излегувањето, специјалната верзија на „Месинџер“, приспособена за децата, и понатаму има грешка што целата идеја за безбедна комуникација паѓа во вода.

Во 2017 година „Фејсбук“ ја објави апликацијата „Месинџер кидс“. Намената на оваа верзија е безбедни разговори со другите луѓе со претходна дозвола од родителите. Според неодамна откриената грешка во дизајнот, апликацијата цело време им дозволувала на децата да се приклучуваат во групни разговори со возрасни луѓе и тоа без дозвола од родителите.

Неодамна „Фејсбук“ ги затвори тие групни разговори и ги извести корисниците, но не даде никаква јавна изјава во врска со проблемот. Потоа „Фејсбук“ почна да им испраќа известување на родителите во кое пишува за техничкиот проблем што го предизвикал:

Драги родители,

Најдовме техничка грешка што му овозможува пријател на детето да создаде групен разговор со детето и уште еден или повеќе пријатели што ги одобриле родителите. Сакаме да знаете дека го исклучивме овој групен разговор и се обидуваме ваквите групни разговори да не бидат дозволени во иднина. Ако имате прашања за „Месинџер кидс“ и онлајн-безбедноста, ве молиме посетете го нашиот центар за помош и родителските контроли на „Месинџер кидс“. Исто така, ќе ја цениме вашата повратна информација.

„Фејсбук“ потврди дека пораката е автентична и изјави дека објавата им е испратена на илјадници корисници.

– Неодамна известивме некои родители на корисниците на „Месинџер кидс“ за техничката грешка што ја откривме, а која влијаеше врз мал број групни разговори. Ги исклучивме разговорите и на родителите им обезбедивме дополнителни ресурси за „Месинџер кидс“ и безбедноста на интернет – изјавија од „Фејсбук“.

Грешката се појави од начинот на кој беа применети уникатните дозволи на „Месинџер кидс“. Во стандарден еден на еден разговор децата можат да иницираат разговори со корисници одобрени од родителите. Но, овие дозволи станаа покомплексни кога се применија на групен разговор, затоа што во разговорот се вклучени повеќекратни корисници. Оној што ја создал групата може да покани кој било корисник за кој има дозвола да разговара, дури и ако тој корисник не е овластен да разговара со другите деца во групата. Како резултат на тоа, илјадници деца можеа да разговараат со неовластени корисници, кршејќи го основното ветување на „Месинџер кидс“.

Не е јасно колку долго била присутна грешката во апликацијата.



912

X