Уште во првите денови на декември се слуша првите пукања на петарди… Овие пиротехнички средства најчесто ги имаат децата, а нивните навидум безопасни игри може да бидат кобни, предупредуваат соговорниците за српски „Курир“.

Малите деца ги доживуваат петардите како играчки, а нивните предизвици и докажувања со овие направи се опасни, па така некои деца останале без прсти и без вид. Во пресрет на празниците, лекарите често се сведоци на страшни сцени и повреди кои настануваат поради невнимателно користење на петардите.

Педијатарот д-р Саша Миличевиќ од Србија вели дека децата на различни начини си играат со пиротехника.

– Тие ги ставаат петардите во качулка кога ги палат, ги држат во џеб, се натпреваруваат кој ќе издржи повеќе време со петардата в уста, како и в рака. Запалената петарда си ја префрлаат од рака в рака. За жал, многумина не ја фрлаат навреме и тогаш настануваат сериозни повреди. Тоа се повреди на рацете, а многу чести се и изгорениците. Имало случаи кога детето добива таканаречена експлозивна ампутација на прстот, а многу често доаѓа и до оштетување на слухот. Може да дојде и до повреда на очите, повторно предизвикана од дејството на самата експлозија. Петардите се генерално ризични, децата можат да останат без дел од дланката, прстите, а посилните петарди можат да ја разнесат и целата дланка. Се случило едно дете веќе да не може да гледа на едното око по игра со петарди и останало траен инвалид! – вели д-р Миличевиќ.

Д-р Миличевиќ истакнува дека експлозијата од оваа направа може кај некого да предизвика и стрес, кај децата што боледуваат од дијабетес може да доведе до пораст на нивото на шеќер во крвта, а кај астматичарите да предизвика акутно отежнето дишење. „Доколку се случи петарда да пукне во нивната уста, може да настанат повреди на усната шуплина, горната и долната усна, повреди на непцата, како и повреда на забите и изгореници по целото лице. Треба да се апелира до родителите да им го тргнат вниманието на децата од петардите“, заклучува тој.

Интернет-предизвик

Примариус д-р по општа медицина Бисерка Обрадовиќ објаснува дека сите повреди се можни, со оглед на тоа дека на децата сè и сешто им паѓа на ум.

– Денешните деца имаат многу опасни интернет-игри, игри со предизвици, кои можат да бидат ризични и за самиот живот. Децата фрлаат петарди и во оган и во стаклено шише, а така може трајно да си го оштетат видот. Може да дојде до изгореници и отворени рани – наведува д-р Бисерка и истакнува дека недостига воспитување на децата за штетноста на тие игри.

Нарушување на јавниот ред и мир

За фрлање петарди и нарушување на јавниот ред и мир, во Србија постои казна од 50 илјади до 100 илјади динари или општествена работа од 40 до 120 часа. Истата казна е и за родителите на малолетните деца. Строгите прописи се усвоени во мај 2018 година, па со тоа се намалил бројот на улични продавачи на пиротехника. Иако законот забранува нелегална продажба, петардите сепак може да се купат во многу продавници.

Последици и повреди што може да се добијат:

– изгореници
– оштетување на слухот и на видот
– ампутација (најчесто на прстите)
– расеченици
– стрес
– повреди на усната шуплина и на забите
– оштетување на имот (пожари, експлозии)
– вдишување отровни испарувања

Што најчесто купуваат децата:

– обични петарди
– петарди „нинџа“
– големи мега-петарди (мини-стапче со фитил)
– таканаречени шок-петарди
– динамити

Автор: Мина Бранковиќ



912

X