Навистина, навистина е страшна приказната со вештерките на Роалд Дал. Ме потсети на приказните што ми ги раскажуваше дедо ми кога бев дете. И тогаш и сега мислам дека исто се уплашив. Можеби ваквите приказни ќе наидат на неодобрување кај родителите, но да не ја заборавиме величината на писателот Роалд Дал – тој е еден од класиците во детската книжевност. Неговите фантастични приказни, всушност, имаат животни пораки што детето треба да ги научи на возраст кога почнува посвесно да ги перципира појавите околу него. Така, на пример, кога ќе го читате Дал со вашите деца, заедно извлечете ја пораката дека претпазливоста, а не стравот, треба да биде одговор на опасностите што демнат.
Значи, „Вештерки“ на Роалд Дал не е за мали деца, туку е за оние (на и над 11-годишна возраст) што ги возбудува да читаат хорори. Во конкретниов случај, дејството е претставено сосема реалистично, а тоа ја зголемува страшноста. Впрочем, тоа го најавува уште првата реченица од романот: „Во бајките вештерките обично носат смешни црни шапки и наметки и јаваат на метли. Ама, ова не е бајка. Ова е за ВИСТИНСКИ ВЕШТЕРКИ“. А такви приказни сака да слуша и осумгодишното момче што е раскажувачот и носителот на дејството во книгата.
Неговата баба, инаку одлична раскажувачка на приказни, освен што го заведува раскажувајќи му, на тој начин и го воспитува, со оглед на тоа што е единствениот старател на нејзиниот внук. Нему најпривлечни му се приказните за вештерките што ловат деца. Баба му го подучува да внимава на жените што му приоѓаат затоа што можеби зад таа пријатна појава се крие вештерка со злобна намера (вештерките како ликови во модерните книжевни текстови не се тенденциозна измислица за преку нив да се искаже негативен став за женскиот род; тие се појавуваат уште во фолклорот, во бајките, како дел од колективното несвесно на народите; затоа, ви предлагам, кога ќе наидете на слични текстови за деца во иднина, обидете се темите да ги разработувате од повеќе аспекти и уште од рана возраст да ги проширувате хоризонтите кај вашите деца). Уште една причина поради која сум воодушевена од овој роман е тоа што бабата на својот внук му кажува дека во светот на вештерките постои поредок и дека и кај нив има хиерархија на улоги – највисоко на пирамидата е Врховната Велевештерка, која го контролира вештерскиот свет.
На едно локално патување на бабата и внукот, тој ги искусува приказните што ги слушал до неодамна и се сретнува лично со најавторитетната од сите вештерки. Екскурзијата ќе се претвори во лов на вештерки. Се разбира, деталите се декорирани со авантуристички и страшни епизоди, вешто вкомпонирани од мајсторот на детската поетика – Роалд Дал.
Родители, не заобиколувајте го овој севременски автор зашто е буквата А во азбуката на литературата за деца. Без намера за наметливост и надменост, ви предлагам да направите сопствена методика при обработката на книгите на вашите деца и да вклучувате и теми кои навидум ви изгледаат несоодветни за возраста на детето. Ако се сомневате за одреден наслов, тогаш прочитајте го еднаш сами, а потоа мотивирајте го и детето да го прочита. Сигурна сум дека тоа ќе биде на обострано задоволство.
912