И родителите имаат право на грижа за себе, имаат прво на тајмаут во состојби на преоптовареност. На моите родителски советувања често ги прашувам родителите: Што правите како родител кога се чувствувате обземени од барањата за грижа за децата, семејството, бракот и работата? Мајките најчесто ми одговараат дека плачат, а татковците велат дека остануваат до подоцна на работното место. Всушност, човек не знае дека превел премногу одговорности сѐ додека не се случи тоа телесно и ментално преоптоварување кое ги потрошило сите резерви на една личност. Преземаме сѐ повеќе и повеќе… Во тој случај телото е преплавено со кортизол, кој може да ве натера да се чувствувате осамено, луто, вознемирено, како и да предизвика низа психосоматски состојби во вашето тело.

ЗАТОА:
1. Во ред е да побарате помош. Барањето помош не е знак на слабост. Всушност, тоа е знак на сила.
2. Во ред е да прифатите помош.
3. Во ред е да ги намалете сопствените стандарди. Направете мали чекори без да барате совршенство.
4. Грижата за себе ви помага подобро да се грижите за другите.
Сега размислете! Кога ќе ја прочитате оваа листа со изјави, која ви е најлесно да ја прифатите, а која најтешко?

Запомнете! Грижата за себе, радоста и задоволството што таа ги носи за вас е највисоката можна вредност за која можете да се залагате. Кога имате радост, можете да дадете радост, кога имате самољубие, можете да дадете љубов, кога се грижите за себе, можете да се грижите и за другите.
Пишува: Христина Стефановска, психолог и автор на литература за деца
912