Откако „Фејсбук“ дојде во рацете на мајките и татковците и откако оваа наша златна младина виде дека на „Фејсбук“ не може сè да објавува, одлучи да направи „Инстаграм“ и така да побегне од родителите и роднините…

Ја знаете ли приказната за една наша девојка, која откако ги заврши студиите, одлучи да го напушти родниот град и да бара работа во друг, па вадејќи ја потребната документација, последниот ден отишла на шалтер каде што љубезната госпоѓа ѝ ја побарала личната карта, а девојката низ малиот отвор го протнала телефонот со својот инстаграм-профил велејќи: „Повелете, мојата лична“.
Госпоѓата ја исправила и ѝ рекла дека ја бара нејзината лична карта, а не телефонот со нејзини приватни слики.
„Ах, извинете, на таа лична мислевте?“, одговорила девојката смешкајќи се.

Не ја знаете? Па добро, ништо чудно, зашто авторот на приказната го измислив за на секого да му биде јасно каква работа направија создавачите на „Инстаграм“, Кевин Систром и Мајк Кригер, како и таткото на сите друштвени мрежи – Закерберг, заробувајќи нè во еден виртуелен свет од кој, откако влеговме, не знаеме да излеземе, во еден виртуелен свет во кој нема што нема, само образование, култура, уметност, пристојност и воспитување фалат, но затоа не фалат ни „Парови“, ни различни „Фарми“, ни нови „Ѕвезди“, ни старлети, пардон, по ново се вели инфлуенсерки, ниту секојдневни инстаграм-приказни, за кои баш и не можам многу да зборувам зашто во мојот живот сум видел неколку, а не ни планирам, но тие излегуваат. „Ако не било на друштвените мрежи, како да не се случило“, а не фали ни оваа наша златна младина, која го живее животот на „Ѕвезда“, а додуша, не фалат ниту родителите, кои, како вистински родители, ги поддржуваат во тоа.

Зашто откако Фејсбук дојде во рацете на мајките и татковците и откако оваа наша златна младина виде дека на „Фејсбук“ не може сè да објавува, одлучи да направи „Инстаграм“ и така да побегне од мајките и татковците, на крајот на краиштата, и од културната, каква-таква, заедница, но малку по малку, ете ти ги и мајките и татковците и роднините на „Инстаграм“.
Мора да се држи чекор со времето – си мислат родителите и роднините.
И што сега – си мисли оваа наша златна младина.

Па ништо. Исто како и досега: стани, работи, трпи, лажи, јади, спиј и секако, што повеќе работи на својот инстаграм-профил. Мора да се држи чекор со времето. Некои ќе речат дека мора така и дека живееме во такво време. Јас велам дека не мора. И зошто би морало? Што ѝ фали на девојката која наместо во наргиле-бар, оди на часови по клавир, која оди на балет, која знае да ги наброи сите главни градови во светот и која има малку поинакви животни примери од овие денешни старлети, пејачки (ако смеам така да ги наречам) и реалити-ѕвезди?
Што му фали на момчето кое секој вторник на трафика го чека новиот број на Алан Форд, кој нема да ѝ свири според наученото, балканското, машкиот шовинизам, на секоја жена што е зад воланот, на кој нема да му биде срам да носи букет рози в раце, да оди на театар и кој има малку поинакви животни примери од овие денешни бед бојс во тренирки, пејачи (ако смеам така да ги наречам) и реалити-ѕвезди?

Исто така, вистина е дека живееме во технолошко време. Дали сме добиле седумка на лото поради тоа? Па, би можело да се каже. Бидејќи друштвените мрежи и тоа како имаат свои предности. Во зависност од тоа како ги користите. Само што ние имаме проблем – од понуденото секогаш го одбираме најлошото. Па така и со технологијата и со друштвените мрежи. Други ќе речат дека секој има свој живот и нека го живее како што сака. Јас би додал и дека секој има свој виртуелен свет и нека го води како што сака. И нека не прифаќа сè. Особено не известувачките служби.

Да завршам со девојката од почетокот на приказната, која деноноќно работела на својот инстаграм-профил, стигнала до голем број пријатели, добила понуда од еден машки портал, го поминала првиот круг, ја повикале на разговор, некаде пред крајот ѝ побарале лична карта, таа ја извадила, а од другата страна на масата се слушнала силна смеа и одговор од работодавецот дека не ѝ ја бараат нејзината лична карта, туку нејзиниот инстаграм-профил.

– Ах, извинете, на таа лична мислевте! Малку засрамено одговори девојката.

Автор: Адел Хомораш



912

X