Блазе си им на тие што слават роденден околу почетокот на септември, кога почнува училишната година. Сигурно ги добиваат најубавите и најкорисните подароци – тетратки со омилениот цртан лик или фудбалски клуб, боички, фломастери, темперни бои, боенки, уникатни моливчиња, колажи… шаренила на сите страни. Книгите, пак, се совршен подарок за сите поводи. Тука спаѓаат и означувачите за книги кои не мора да бидат купечки, туку и самоделски (направени дома, со уникатни цртежи и пораки посветени на славеникот/славеничката). Впрочем, гледајте во сите подароци да оставите свој белег зашто пред сè подаруваме спомени.
Роденденот, пак, е посебен празник на среќата, еден вид приредба за која се потребни многу насмеани гости и интересни содржини… Па така, во семејството Мун на дневен ред е организирање на роденденот на Исидора. Мајка ѝ предлага славење на самовилски начин, татко ѝ – на вампирски… Ама Исидора сака обичен, детски роденден (зашто баш убаво си поминала на родендените на своите другарчиња и сака баш така да си помине и на својот). Согласно правилото да им се угодува на славениците – во семејството на Исидора почнуваат роденденските подготовки според нејзините замисли.
Предвидени забавни содржини: маскенбал (задолжителен костим за влез на роденденот!), подај го подарокот, магионичар, замок за скокање, торта…
Доставување на поканите: преку лилјаци-поштари…
Предроденденско расположение кај гостите: урнебесно!
Динг-донг, пристигнуваат мачката Зои, самовилата Саманта, вампирот Оливер, змејот Бруно…
Магионичар: професионалниот волшебник, братучедот Вилбур.
Затоа што Вилбур оди на училиште за магионичари, неговите магии не се лажги со опашки, туку вистинско извлекување зајак од црн цилиндар со магичен збор, вистинско претворање на Бруно во кутија со жаби… Упс, Вилбур не си ги вежбал магиите за домашно и малку греши при маѓепсувањето. Да не беше тој со своите волшебнички промашувања за два минус, роденденот на Исидора немаше да се претвори во толку голема авантура.
Впрочем, од роденден – тоа се претвора во спасувачка мисија со повеќе херои. А, Вилбур, да ви кажам право, треба да повторува година зашто ништо не учел. Да видите само каква беља направи, па од славеничка, Исидора мораше да стане спасувачка.
За да не ви ја уништувам забавата и возбудата од сите случувања во оваа епизода „Исидора Мун слави роденден“, тука ќе запрам со откривањето детали. Прочитајте и скубнете некоја идеја и за вашите родендени. Ако се одлучите за роденден под маски, бидете креативни и сами креирајте си го костимот, не купувајте! Сигурна сум дека би го направиле поубав од некојси таму што стои во излог. И секако – организирајте натпревар за најоригинална маска – тогаш сите ќе имаат добра причина да ги засукаат ракавите и да се борат за победничката позиција. Забавата е гарантирана!
912