На рафтовите во домот има десетици награди за тенис, а освои и прво место во портокалов тенис на државно ниво. Официјално, тој е трет на ранг-листата на државно ниво. Она што е вистинска реткост е што овој надежен тенисер во еден ден, на почетокот од годинава, освои два златни медали. Оваа година освои златен медал и на „Математика без граници“, која се одржува на светско ниво

Василиј Закоски има осум години и е ученик во „Братство – Миѓени“ во Тетово. Ова мултиталентирано момче незапирливо освојува награди, дипломи, медали и пехари на конкурси во ликовно цртање, на натпревари по математика, а најмногубројни му се наградите освоени во тенис. Василиј, кој е полн со самодоверба и позитивна енергија, првпат фатил рекет на четиригодишна возраст, а сонува еден ден да стане како познатиот тенисер Стефанос Циципас, кој му е идол.

– Василиј од мал има афинитет за креативни работи, за редење лего-коцки, за решавање мозгалики. Редеше харибо-мечиња по боја, автомобилчиња по боја и големина. Тој е одличен ученик и е особено талентиран за математика. Во слободно време игра шах и решава судоку – вели мајка му Марија.

Василиј игра тенис четири години. Најпрво играл за тенискиот клуб „Љуботен“ во Тетово, а денеска игра за тенискиот клуб МТП од Скопје. На рафтовите во домот има десетици награди за тенис, а освои и прво место во портокалов тенис на државно ниво. Официјално, тој е трет на ранг-листата на државно ниво. Она што е вистинска реткост е што овој надежен тенисер во еден ден, на почетокот од годинава, освоил два златни медали. Оваа година освои златен медал на „Математика без граници“, која се одржува на светско ниво.

Интересно е што Василиј неодамна освои бронзена плакета на конкурсот организиран од Институтот за култура и уметност при Славјанскиот универзитет со фантастичното уметничко дело „Приказна за цар Салтан“.

– Кога се роди сестрата на Василиј, јас порано требаше да тргнам на работа. Двајцата ги чуваше моја тетка. Нејзината ќерка Александра Јовановска, која е уметник, честопати доаѓаше кај нас дома и со Василиј цртаа и боеја боенки, а таа е ментор и на цртежот кој го испрати на натпреварот за креативност. Оттогаш почна да му се истакнува талентот за цртање – додава мајката.

Го воспитуваме на борбеност и истрајност

Василиј е весело, темпераментно, одговорно и самостојно дете, раскажува мајка му Марија.

– Тој е дружељубив е и праведен, ја прифаќа работата и доследно ја извршува. Упорен е, внимателен, истраен, темелен, прецизен и трудољубив. Од мал е воспитуван со многу внимание, љубов и посветеност. Децата ми се на прво место. Воспитуван е во слога, културен дух и здрави навики. Мислам дека нашата безусловна љубов, внимание и поддршка се клучни за тоа што Василиј е успешно дете. Најбитни во нашата релација се искреноста и довербата. Мене како родител ми е важно децата да ме почитуваат, но не да ми се плашат. Ние сме тандем, ние сме другари, пред сè, ние мирно ги решаваме сите проблеми. Василиј го учам на борбеност и истрајност, на праведност и скромност, на човечност и среќа. Инаку, креативноста му е наследена од татко му, а спортот од двете страни. Тоа што е добар по логика и математика е наследено од мене – низ смеа вели мајката.

Таа додава дека детето е полно со самодоверба, а тоа што се занимава со индивидуален спорт и има поминато многу натпревари и многу излеани солзи му го зацврстило карактер. Неговите родители го мотивираат и го бодрат во секој поглед.

– Поддршката и љубовта се неминовни за успех, но најголема мотивација е вербата во самото дете. Понекогаш мотивираме и со подарок, се разбира. Сепак, најголемата поддршка, покрај нас како родители, ја има и од неговата учителка Негица Павлоска – додава Марија.

Денот ми почнува со витаминските бомби на мајка ми

– Станувам рано, а утрото го започнувам со витаминските „бомби“ на мајка ми. Покрај училишните обврски, вежбам математика, цртам или знам со часови да редам лего-коцки. Тука се и тренинзите за тенис. Пред спиење знам често да изиграм партија шах или табла со татко ми или да гледам цртани. Најмногу сакам да јадам малини, а омилен оброк ми е домашно кисело млеко со корнфлекс. Но, сепак, со задоволство би јадел и пица со кока-кола – вели Василиј.

Најдобри другари од училиште му се Алекс, Антонио и Никола, заедно играат криенка, брканица и фудбал. Најдобри другари од тенис му се Владан и Бојан, со кои обожава да тренира.



912

X