Здравје

Ризикот од срцев удар се поврзува со бројот на деца

Нови истражувања од Универзитетот „Кембриџ“ покажаа дека жените што родиле 5 или повеќе деца имаат поголем ризик од срцев удар во споредба со жените што имаат едно или две деца.
Сознанијата се засновани на анализа, која траела 30 години, на здравствени податоци кај 8.582 жени од 45 до 64 години. Се покажало дека жените со три или повеќе деца имаат умерен ризик од срцев удар, за разлика од оние што родиле само едно или две деца. Ризикот од срцев удар значително расте со зголемувањето на бројот на деца.

 

Одгледувањето деца е многу стресно

„ Целта на истражувањето не е да ги заплаши жените со повеќе од две деца, туку да им го привлече вниманието да знаат дека можат да бидат под зголемен ризик од срцев удар“, изјавила д-р Клер Оливер-Вилијамс. „Знаеме дека бременоста и породувањето претставуваат огромен притисок за срцето, а одгледувањето деца исто така може да биде многу стресно. Сакаме да ги збогатиме луѓето со сознанија дека можат да направат нешто за своето здравје“.
Д-р Оливер Вилијамс изјавила дека статистичката анализа е приспособена на многубројни фактори за кои е познато дека влијаат врз здравјето на жените, вклучувајќи ги годините, расата, живеалиштето, социо-економскиот статус, здравственото осигурување, пушењето, годините на репродуктивен живот, користењето орална контрацепција и хормонска терапија. Истражувањето исто така ги зема предвид и годините на жената во првата бременост и времето на доење (претходните истражувања го поврзаа доењето со подобрување на кардиоваскуларното здравје кај мајката).
Жените што имале повеќекратни спонтани абортуси во текот на периодот на истражувањето покажале за 60 отсто поголема стапка на срцеви болести и 45 отсто поголема стапка на стегање на срцето во споредба со жените што родиле едно или две деца.
Единствено ограничување на студијата е тоа што не овозможува сознание дали физиолошката штета што довела до кардиоваскуларните случувања произлегла од повеќето бремености, исцрпувачкото одгледување на децата или од двете заедно.

Немаат време за сопственото здравје

„Иако не е изненадување тоа што поголемиот број на деца значи дека мајките имаат помалку време за грижа за сопственото здравје, ова истражување потврдува колку е важно секој да внимава на своето срце“, заклучува Џереми Персон, водач на британската организација „Харт фондејшн“.
„Истражувањата како ова потсетуваат на тоа дека без оглед на стереотипите за прекумерно тежок средовечен човек со срцев удар, срцевите болести ги погодуваат и мажите и жените“.

Поврзани написи

Прашај психолог

Рубриката „Прашај психолог“ овозможува стручна поддршка од психолози и психотерапевти на родителите при справување и решавање одредени актуелни прашања од психолошка природа на нивните деца. На прашањата одговараат психолози и психотерапевти соработници на Деца.мк.

To top