Прекрасна идеја која може да ги зближи децата и родителите, да се развие љубовта кон пишуваниот збор, но и да остане како најубав спомен и на хартија и во сеќавањата
Родителското внимание, силните прегратки, бакнежи, стрпливите разговори и погледите полни со поддршка се неопходни за правилен развој на нашите малечки. Сите овие мали ритуали можат да имаат различни облици и на различен начин можат да бидат дел од нашиот однос кон детето, а да не сме ни свесни колку љубов така влеваме во срцето на нашето дете.
Еден од начините како на детето да му посветиме внимание и љубов и да покажеме интерес за неговиот мал-голем живот, и многу работи да научиме од него и тоа од нас, е да водиме заеднички дневник.
Заеднички дневник
Оваа интересна идеја ја смисли Сара Остер Роквиќ, авторка на блогот Momsters, и еве како таа го опишува својот мал проект.
„Дневникот може да го водите заедно со своето дете. Тоа е прекрасна идеја која може да ги зближи децата и родителите на некои дополнителни начини, да се развие љубов кај детето за пишаниот збор, може да му помогне да ги сподели своите мисли во мирно опкружување, без брзање… Тоа може да биде дневник на детето во кој може да воведете и некои свои традиции, на пр., мајката навечер пишува порака за наредниот ден и му ја остава на ливче покрај неговиот дневник, во дневникот, ја крие во собата и детето мора да ја пронајде. Тоа може да бидат реченици со заблагодарување за некоја секојдневна ситуација, на пр. „Ти благодарам, сине, што денес беше послушен во продавницата“, потоа реченици полни со љубов и поддршка: „Знам дека утре ќе бидеш најдобар во детската претстава!“, реченици за признавање на достигнувањата на детето: „Ти честитам за тоа што денес ја научи песничката напамет. Браво!“, реченици за охрабрување, а и различни прашања.
Во текот на денот детето одговара на тие прашања во дневникот. Тоа е убава мотивација да земе молив и да ги запише своите мисли. Исто така, и детето може да ѝ постави прашања на мајката во својот дневник, кои може да бидат разни и неочекувани. На пр., „Дали може да добијам куче за роденден“, на што мајката може да одговори дека треба уште малку да размисли.
Напишете му песна со неговото име
Во дневникот може да му оставате и разни, испечатени ливчиња, фотографии, карти за кино/детска претстава, чоколада, може и да му нацртате некој цртеж придружен со неколку збора или со песна, да му напишете песна со неговото име, да го залепите неговиот омилен лик од цртан филм кој му задава одредена задача.
Може да му напишете разни интересни факти, на пр., „Дали знаеш дека не постојат две исти пајажини и дека пустината Антарктик е најголема на светот? Дали знаеше дека птиците се единствените вистински потомци на диносаурусите?“
Може да му напишете и некои кратки приказни кои ќе завршуваат со „продолжува“, делови од поуки од детски басни, паметни пораки од цртаните филмови што ги гледа, интересни исечоци од весници… Буквално што ќе ви падне на памет!