Риниса уште на својот прв ден од животот се соочи со огромен проблем, кој за неа значеше живот или смрт. Не по своја волја, таа уште во првиот миг кога го доби животот почна да се бори за него. Bо борбата беа важни и секундите.

Риниса е родена на 1 август во општата болница во Струга. Лекарите веднаш утврдиле дека бебето е зависно од кислород и тоа бил првичниот мотив да се префрли во Клиниката за детски болести во Скопје. Таму, по направената анализа и ехокардиографија, е утврдено дека има сериозна вродена срцева маана, т.е. транспозиција на големи крвни садови, по што веднаш е префрлена во „Жан Митрев“.

– Уште во првиот миг од пристигнувањето во нашата клиника, нашиот докторски тим веднаш почна со подготовки за реализација на оперативен третман. Таа срцева маана бара брза реакција бидејќи ако не се реагира веднаш, може да заврши фатално. По доаѓањето кај нас веднаш се почна со терапија по протокол за да може да се дојде до операција. Беше спроведена специфична терапија и сите предоперативни анализи за детето да може итно да се внесе во сала. Следниот ден беше направена исклучително тешка операција и нашиот тим ја изведе успешно – раскажуваат од „Жан Митрев“.

По операцијата лекарите имале голем предизвик затоа што е многу мал процентот на преживување на пациентите со оваа вродена срцева аномалија и тоа во светот, во сериозно развиени кардиохируршки центри.
– Како педијатри се сретнавме со големи предизвици и постоперативно. Меѓутоа, нашиот даден максимум вроди со плод, па Риниса дочека не само да си оди дома, туку тоа да го направи во супер состојба. Таа е сосема здрава, весела, среќна со зголемена телесна тежина, со уредни витални параметри. Да напоменеме дека таа беше примена кај нас со сатурација од 60%, а сега ја пуштаме со кислородна сатурација од 100%. Таа сега е многу пргаво и весело бебе, на општо задоволство на сите нас и секако особено за родителите кои се тука и со нетрпение чекаат да си ја однесат дома. Останува да ја следиме на нејзините редовни контроли и да нè почестува со нејзиното присуство, да ја гледаме како расте. Ова е уште еден доказ дека работиме одлична кардиохирургија и одлична постоперативна програма која резултира со тоа што по еден месец од една ваква комплексна операција едно мало бебенце здраво си оди дома. „Жан Митрев“ е во рангот на врвните светски кардиохируршки центри – вели д-р Јорданка Маџоска, педијатар во „Жан Митрев“.

 

Родителите се пресреќни што нивното првенче, и покрај огромните ризици и проблеми, здраво и насмеано си заминува дома.

– Му благодариме на целиот тим и особено на д-р Жан Митрев, кој го спаси нашето дете. Поминавме тешки мигови. Сепак, длабоко во себе знаевме дека сме на вистинското место каде што ќе се даде комплетната здравствена заштита, грижа и нега за нашето дете. Оваа болница ја гледаме како второ родилиште на нашата ќерка. Таа еднаш се роди во болница во Струга, по што повторно ѝ се даде живот токму тука во клиничката болница „Жан Митрев“. Ние сме пресреќни што конечно си одиме дома со нашето најмило – вели мајката на Риниса.



912

X