Не можеме да очекуваме дека сите родители се компетентни по сите предмети и дека можат да им помогнат на своите деца во изработка на домашните задачи и ученичките активности –тоа е наша должност како наставници! – вели Алвин Салимовски, директор на училиштето

Околу 1.000 ученици во скопското Основно училиште „Браќа Рамиз-Хамид“ немаат услови да ја следат онлајн-наставата што се реализира во земјава во последниот месец. Уште толку ученици, пак, се дел од процесот на далечинско учење за сите одделенија преку конференцискиот сервис „Зум“ и платформата за самоучење која е изготвена и прикачена на веб-страницата на училиштето.

Ова училиште е едно од најголемите по бројот на деца во земјава.

– По изминатите неколку недели утврдивме дека не можеме целосно да ја исполниме и оствариме нашата цел затоа што не секој ученик има можност да се вклучи на час, бидејќи не поседува паметен уред или нема интернет. Дојдовме до разочарувачки заклучок дека не зависи сè од нас и дека ние како наставници не можеме да го решиме овој проблем. Неопходно е ученикот да поседува паметен уред, но и интернет-врска – вели Алвин Салимовски, директор на школото.

Тој потсетува дека се надева дека дел од 30.000 бесплатни интернет-ваучери за семејства со социјален ризик, што неодамна ги обезбеди Владата преку „Телеком“, ќе одат во рацете на учениците од Шуто Оризари.

Ентузијазмот не е доволен

Додека во поголемиот дел од просечните македонски семејства пристапот до интернет и поседувањето паметен уред не претставуваат некој проблем и се секојдневие за кое не се размислува, во социјално загрозените семејства тоа претставува луксуз, вели Салимовски.

– Имајќи ја предвид материјалната состојба на родителите, ова значи дека нашите ученици нема да имаат еднаков пристап до образование сè додека траат ограничувањата. Една цела генерација ученици, не по сопствена вина, е ставена во позиција на ризик со потенцијални последици кои во моментов не можеме да ги предвидиме. И покрај ентузијазмот, не можеме сами да ја решиме оваа ситуација. Моја должност и задача како директор е да се потрудам и да најдам начин како да им помогнам на нашите ученици со цел да не останат исклучени од образовниот процес. Досега имам испратено барања за донации до неколку дипломатски претставништва во земјава, апллициравме на ургентен повик на Central European Initiatives, како и на уште еден повик од Antler, ги контактирав сите наши досегашни соработници, како Roma Education Fund, Фондација Отворено општество – Македонија, МЦГО, Мировен корпус – Македонија и други невладини организации – објаснува директорот.

114 наставници предаваат во школото во Шуто Оризари

Онлајн-наставата за околу 1.000 ученици ја реализираат 114 наставници и дневно секој ученик има 3 до 4 часа по различни предмети. Ставот на Салимовски е дека во оваа средина не може секој родител да помогне и да се посвети повеќе и затоа била избрана онлајн-наставата во која ќе се вклучат повеќе наставниците.

– Настојував наставата да се одвива на овој начин зашто во овој период треба што е можно повеќе да им помогнеме на нашите ученици полесно да го совладаат новиот наставен материјал, а тоа ќе го постигнеме единствено ако на учениците им овозможиме интерактивно да се вклучуваат на онлајн-часот, доколку им е нешто нејасно да прашаат, па наставникот да им објасни. Ние не можеме да очекуваме дека сите родители се компетентни по сите предмети и дека можат да им помогнат на своите деца во изработката на домашните задачи и ученичките активности – тоа е наша должност како наставници!

На веб-страницата на училиштето има и онлајн-библиотека која постојано се надополнува, како и посебна секција со материјали за работа со деца со попреченост на која имаат пристап единствено училишниот дефектолог и одредени наставници.

Важно е наставниците да комуницираат со децата

2.047 ученици се распределени во 81 паралелка. Во одделенска настава предаваат 49 наставници, а во предметна 65. Салимовски објаснува дека на почетокот било очекувано да има отпор кон новиот начин на работа, особено од повозрасните наставници кои немаат доволно ИТ-вештини за ваква настава. Наставниците добиле онлајн-обука за „Зум“, со што се збогатиле со вештините за двонасочна онлајн-настава.

Алвин Салимовски

– Во нашето училиште стравот на наставниците од типот „Како сега ќе одржам онлајн-час?“, „Па, ние не сме обучени за ваква настава!“, „Срам ми е држам настава пред камера!“, „Каква ќе ми биде презентацијата?“ е надминат и затоа сакам да ги охрабрам сите наставници дека во моментот не е толку важно како ќе го одржиме часот! Важно е постојано да комуницираме со нашите ученици, да останеме позитивни и да им го олесниме престојот дома затоа што тоа ни е должност како наставници! Нашата должност како наставници е токму сега, во време на светска пандемија и во најтешките моменти, да го прошириме позитивниот дух помеѓу учениците и родителите и да помогнеме заеднички да ја пребродиме оваа тешка ситуација во која се наоѓаме сите – вели Салимовски.

Тој додава:
– Во овој момент не е важно дали наставникот умее да одржи онлајн-настава! Важно е да го одржиме контактот со нашите ученици, да ги охрабриме, да им внесеме елан за работа, да им го исполниме времето поминато дома со задавање задачи, да ги поттикнеме да истражуваат и со нетрпение да го очекуваат следниот час за да ги презентираат резултатите од своето истражување.

Фото: „Браќа Рамиз-Хамид“



912

X