д-р Андреа Николова-Пауновиќ, матичен лекар

д-р Андреа Николова-Пауновиќ, матичен лекар

Поликлиника „Жана“ во Неготино
е-пошта: poliklinika.zana1@yahoo.com
тел. 075 555 512

Повеќе од авторот

Кога темпераментно дете е смирено и кога покажува помал интерес за околината, за игра, обично прво се помислува дека е болно. Тоа и е најчесто однесување на акутно болно дете. Од психолошко гледиште тоа значи дека детето ги напушта вообичаените активности и ја мобилизира својата психичка енергија за борба против болеста.

Најчеста реакција, односно одбрана од траума заради болка и болест е регресивното однесување. Таа реакција е добро позната и кај возрасните и во детството каде што стекнатите облици на однесување сè уште не се зацврстени и се склони кон регресија. Ова однесување се состои од: поголемо лабилно расположение, поголема зависност од мајката и барање да му се исполнат неодложно неговите желби. Многу често децата што веќе успешно ги контролирале свинктерите, кога се болни, повторно ги губат своите навики, па мочкаат в гаќи. Таквото однесување на децата несвесно бара помош, внимание од околината.

Обично болното дете ги пушта родителите да се грижат за него. Претераната загриженост на детето за сопственото здравје укажува на невротска структура. Децата без родители можат исто така да покажуваат голема грижа за своето здравје, повеќе од децата што живеат со своите родители.

Не присилувајте ги децата да мируваат!!! Децата што се присилени да мируваат можат да станат раздразливи и агресивни. Движењето за нив е уживање и природен вентил. Само при стриктни индикации може да се спречи движење кај детето. Акутно болно дете обично има нарушен сон и слаб апетит. Секое присилување во тој момент да јаде или да спие/не спие може само негативно да влијае врз односот дете-родител.

По оздравувањето на детето обично исчезнува и регресивното однесување.

Понекогаш и однесувањето на родителите кон болното дете се задржува и продолжува и кога детето е оздравено. Претераното внимание и попустливоста на родителите се привлечни за децата и тие тешко се одрекуваат од бенефициите што ги имаат. По кратко боледување децата треба да се вратат на училиште или во градинка и тие може да имаат тешкотии да се одвојат од родителите. Изгледа како болеста да оди во прилог на нивната желба за да останат заедно со родителите.

Децата што одбиваат да одат во училиште или градинка може дури и да симулираат и да задржат некој симптом со намера и понатаму да останат дома. Посетата од нивни другарчиња им носи новости од училиштето, им кажуваат за новите задачи и активности. Нејзината цел е да ја одржи непрекинатата врска помеѓу детето и неговата училишна околина. Помага многу против регресијата на болното дете. Затоа во триаголникот за оваа состојба мора да биде вклучен докторот од една страна, родителите од друга страна и детето од трета, за полесно и побрзо да се надмине состојбата на боледување и оздравување кај едно дете.



912

X