Во кревет сте, удобно ви е, а потоа кога навлегувате во добар сон, вашиот партнер ве тресе и ви го нарушува мирот велејќи ви дека сте ‘рчеле. Повторно!

‘Рчењето е вообичаен проблем во бременоста, па идните мајки имаат 3 пати повеќе шанси да ‘рчат во последното тримесечје. За среќа, тоа е најчесто привремена состојба, а има и начини за справување со неа. Што е она што го предизвикува ‘рчењето?

Според Британската асоцијација за ‘рчење и апнеа, 23 отсто од жените ‘рчат во текот на бременоста. Така што, знајте дека не сте единствените со таква состојба. Има 2 главни фактори за оваа појава:

-Хормони
-Зголемување на килограмите

Промените во хормоните предизвикуваат дилатација на крвните садови и поттикнуваат мембраните со слуз да отечат во вашиот нос. Тоа создава конгестија и оптоварување на назалните отвори, па ве присилува да дишете низ уста кога спиете, па следствено на тоа и да ‘рчите.

Дали е можна и алергија?

Можно е, па намалете ги потенцијалните алергени како прашина или влакна од милениче и обидете се да ја освежите собата каде што спиете со есенцијални масла.

Дали ‘рчењето ќе го снема кога ќе го добиете бебето?

Експертите сметаат дека ‘рчењето ќе престане. Ако започне во бременоста, тогаш сигурно ќе сопре откако ќе го добиете детето, бидејќи хормоните ќе се смират и ќе изгубите дел од прекумерната тежина.

Лекови за престанок на ‘рчењето

Во меѓувреме, Асоцијацијата за ‘рчење и апнеја од Велика Британија препорачува да се користи продукт за подобрување на назалното дишење. Спиењето настрана, со малку крената глава, исто така помага во расчистување на дишните патишта.

Дали ‘рчењето значи дека има поголема веројатност за царски рез?

Звучи како бизарно прашање – но верувале или не, има малку вистина и во ова. Ново истражување открива дека лицата што ‘рчат имаат поголема веројатност да имаат бебиња со помала тежина или породувањето да заврши со царски рез. Според американските научници, хроничното ‘рчење може да биде знак за проблем со дишењето кој може да влијае врз снабдувањето со кислород на бебето. Сепак, хроничното ‘рчење се однесува на жените кои ‘рчат на секојдневна основа и на исто ниво како и пред бременоста. Студијата покажала дека жената што хронично ‘рчи, има поголема веројатност да има бебе со помала тежина и дупло поголема веројатност да се породи со царски рез. Но, жените што ‘рчат не треба да креваат паника.

– Хроничното ‘рчење може да се третира – вели водечкиот истражувач д-р Луис О’Брајен, од Универзитетот во Мичиген. Така што, знајте дека ‘рчењето е едноставно дел од патувањето кон мајчинството.

Автор: Џулиет Бленк

Извор



912

X