м-р Светлана Трнинкова, логопед

м-р Светлана Трнинкова, логопед

ООУ „Ванчо Прке“ – Штип тел: 075224315

Повеќе од авторот

Развојната дисграфија може да укажува на проблеми во психо-моториката, праксичката развиеност, организираноста, концепцијата на просторот и дозреаноста на чувствата

Развојната дисграфија е специфична тешкотија во развојот, учењето и во стекнувањето на вештината за пишување и покрај тоа што постои интелигенција за тоа, добар вид, слух, соодветна едукација и социјални услови. Но, според проф. д-р Светомир Бојанин, дисграфијата е секој нарушен и недоизграден ракопис, кој не се одвива во јасно уобличени графомоторни целини и самите графеми се деформирани и нејасни.

Најдобро се дијагностицира кога ќе почне на училиште, а најпрецизна дијагноза се прави во 2. одделение.

Развојната дисграфија може да настане и поради заболување на централниот нервен систем (ЦНС), поради емоционални нарушувања и стрес, или во текот на самиот чин на совладување на техниката на пишување. Развојната дисграфија подразбира клиничка слика која се манифестира врз целокупната личност. Таа може да укажува на проблеми во психо-моториката, праксичката развиеност, организираноста, концепцијата на просторот и дозреаноста на чувствата.

Развојната дисграфија ја карактеризираат лоши облици на буквите и недобра графомоторна низа, која се манифестира уште на самиот почеток на учењето на пишувањето. Процентот на појавување на дисграфијата во популацијата се движи од 6 до 10%. Овој облик на дисграфија настанува како последица на дисхармоничен тек на развојот на праксијата на телото – недоизграденост на мелокинетичката и конструктивната праксија, т.е. несозреана моторика, недоволно диференцирана. Уште една ситуација е многу важна, а тоа е незрелост на мускулниот тонус и токму на онаа група мускули што учествуваат во процесот на пишување.

Прва група основни карактеристики на дисграфичниот ракопис:

Дисграфичниот ракопис во целина е неуреден, лошо е поставен во просторот на листот на кој се пишува, без јасни маргини. Редовите не се правилни, тие се коси или брановидни, и се напушта хоризонталниот правец. Зборовите се збиени или просторот помеѓу нив е преширок, или час е збиен, час е широк.

Втора група карактеристики на дисграфичниот ракопис:

Линијата на буквите е час здебелена час истенчена, на некои места од притискање доаѓа и до прoдупчување на хартијата. Често е и доцртувањето на веќе напишаните букви – ретуширање. Буквите во зборовите не се надоврзуваат, налегнуваат една на друга како да се судираат, а некои и отскокнуваат над другите. Едни букви во зборот се помали од другите.

Трета група обележја на особеностите на развојната дисграфија се:

Не постои почитување на одликувањето на буквите што имаат додатоци на основата во вид на горни и долни линии, на пример: б, р. Тие се толку залепени на основата, што не може да се распознае дали е тоа, на пример, буквата б или пак буквата р.
Линеацијата при пишување на текст е млитава, бледа, едвај забележлива, а понекогаш толку тврда што доаѓа до продупчување на подлогата. Децата со развојна дисграфија потешко ги изведуваат движењата на супинација и пронација, т.е. потешко ги вртат дланките кон внатрешната и надворешната страна. Тонусот на мускулите околу зглобот кој го изведува пишувањето не е воедначен. Постои и невоедначеност на базичниот и основниот тонус помеѓу флексорите и екстензорите на подлактицата и дланката.

Развојната дисграфија се јавува и како резултат на недоизградената конструктивна праксија, и затоа имаат тешкотии во составување коцки и во прецртување одредени облици. Имаат дислатерализација помеѓу горните и долните екстремитети, помеѓу видот и слухот, како и недоволно доживување на телесната целовитост спрема себеси и другите.



912

X