Што сè може да очекувате од новороденчето? Дознајте колку сон му треба на едномесечно бебе, а и колку оброци…

Малечко сум, но не сум беспомошно!

Развој на бебето

* Иако изгледа беспомошно, новороденчето има околу 70 инстинктивни рефлекси кои му помагаат да се снајде во надворешниот свет. Многу од инстинктите се губат веднаш по раѓањето, додека одредени рефлекси остануваат и до втората година.

Рефлекси
Некои основни рефлекси можете и сами да ги препознаете:
– Цицање: поминете со прст преку усните на бебето, па тоа веднаш ќе ги напрчи и инстинктивно ќе почне да прави движења како да цица.
– Фаќање: ставете прст во рачето на бебето – тоа веднаш цврсто ќе го фати.
– Автоматско одење: ако го држите бебето исправено, со ножињата малку да ја допира подлогата, веднаш ќе почне да става нога пред нога – како да оди.

* Бебето во првиот месец може да задржи неподвижен предмет во видното поле и да го сосредоточи погледот на него. Бебето најдобро го фиксира погледот на оддалеченост од 25 до 30 сантиметри, токму колку што изнесува оддалеченоста на која го гледа лицето на мајката додека цица.

* На оваа возраст, на гласен звук бебето реагира со нагло поттргнување на телото и ширење на прстињата. Потребно е време тоа да се навикне на гласовите на родителите, како и на другите звуци во опкружувањето.

* Ако накратко го ставите бебето да лежи на стомакот, тоа ќе се обиде да ја подигне главата, што е добра вежба за вратните мускули.

* Одвреме-навреме обратете внимание на содржината во пелените. Во првата недела бебето мокри до десетпати дневно, трипати по секое доење.

Дневен распоред

Во првиот месец бебето во просек треба да има шест подои на ден (ако бара повеќе, подоите можат да бидат и почести). По доењето, бебето во првата недела може да остане будно околу 15 минути, а на крајот од првиот месец околу еден час.
Доколку надвор е топло, изнесете го бебето на прошетка уште во првата недела по излегувањето од родилиштето, а ако е студено – почекајте барем две недели. Првата прошетка не би требало да трае подолго од десет минути налето – и само три до пет минути назима – и тоа само ако температурата е околу нулата, никако пониска. Одложете го излегувањето надвор ако дува силен ветер, ако има висока влажност во воздухот или ако врне дожд.

Нега на бебето

Температурата во собата каде што престојува бебето треба да биде од 20 до 22 степени, а за време на бањањето од 26 до 28. За полесно да ја следите температурата во просторијата, ставете го термометарот над креветчето на бебето.
Според новите препораки објавени во „Водич за основно и специјализирано згрижување на новороденче“, во првите 14 дена по раѓањето бебето се бања на секои четири дена, исклучиво со чиста топла вода, а кожата се суши со тапкање со мека памучна ткаенина.

Совети за родителите

Без оглед на тоа што бебето го преспива поголемиот дел од денот, кратките периоди кога е будно може да ги искористите за градење цврста емотивна врска, како и за разни игри во кои ќе го поттикнувате неговиот развој.
Наскоро бебето ќе почне да го распознава вашиот лик, па затоа потрудете се секогаш да бидете во близина. Доколку нешто мора да завршите во другата просторија, со нежност зборувајте му нагалено. Ако почне да плаче, нежно земете го во прегратка и утешете го, бидејќи одамна се напуштени сфаќањата дека на тој начин ќе го разгалите.

 



912

X