Во одреден момент можеби ни се чини дека одредена фотографија од нашето дете е толку слатка и убава, што би било штета да не ја споделиме со пријателите на „Фејсбук“. Но, пред да притиснеме „објави“, можеби би требало да се запрашаме дали е тоа најдобриот потег. Постојат некои моменти, односно фотографии кои никогаш не би требало да ги објавувате на интернет.
Фотографии кога детето прави глупости
Иако во тој момент може да ви се чини дека тоа е совршена фотографија за објавување, лесно може да ви се удри од глава. Фотографиите на кои вашето дете прави урнебесни работи сигурно ќе предизвикаат насмевка кај вашите пријатели, но како тоа може да влијае врз вашето дете? Таквите фотографии може да станат вирални, што значи дека ќе се споделуваат со години. Иако можеби иницијално ја делите таа фотографија со затворена група со своите фејсбук-пријатели, доволно е еден од нив да направи „скриншот“ и да сподели со свој пријател, а тој со свој итн.
Таквите фотографии се споделуваат јавно без ваша контрола, а сигурен сум дека не би сакале такви фотографии од вашето дете да го обиколат светот. Затоа бидете внимателни со нив.
Фотографии од вашето дете додека се бања
Доволно е да се каже само едно – дали би сакале вашите фотографии од када некој јавно да ги објави, сметајќи дека вие нема да се лутите? Ако мислите дека тоа е во ред, само продолжете. Но, ние сметаме дека приватните моменти треба да останат приватни со причина.
Фотографии што може да охрабрат навредување на вашето дете во иднина
Иако сега ваквите фотографии не изгледаат ни малку проблематични, кога ќе пораснат вашите деца може да имаат проблеми со булинг токму поради тие фотографии. Затоа можеби е паметно двапати да се размисли пред да се објави таква фотографија на интернет (па дури и во затворена група на пријатели).
Кога вашето дете е на нокшир или во веце
Како би се чувствувале ако некој објави ваша слика додека сте во веце на социјалните мрежи и ве означи? Ако сметате дека тоа е во ред, само напред.
Кога вашето дете е болно
Задачата на нас, родителите, е да ги заштитиме децата и да им помогнеме кога се болни. Тоа значи дека во такви моменти мораме да ја почитуваме и нивната приватност, наместо такви фотографии да објавуваме на интернет. Ако такви фотографии сакате да споделите со роднини или блиски пријатели, постојат многу попримерни начини за тоа отколку јавно споделување фотографии на социјалните мрежи.
Фотографии со пријателите
Иако во ваквите фотографии нема ништо лошо, мораме да се запрашаме нешто. Можеби сите родители немаат исти ставови околу споделувањето фотографии од своите деца, па нема да им биде драго ако го објавите нивното дете на заедничка фотографија од роденден. Ако, пак, чувствувате потреба за споделување на ваквите фотографии, прво прашајте ги родителите од секое дете на фотографијата за дозвола.
Приватни пораки или цртежи од вашето дете
Ако детето ви нацрта честитка или ви напише дека ве сака, тоа е толку слатко што е вредно да го споделите со сите. Но, во таков момент мораме да се запрашаме дали ја нарушуваме довербата на своето дете? Дали детето ќе се чувствува како да сме ја изневериле неговата доверба? Добро размислете пред да притиснете „објави“.
Фотографии на кои вашето дете е голо
Околу ова воопшто не би требало да се дискутира од многубројни причини, но постојат родители што сметаат дека тоа е во ред. Иако вашето дете е малечко и таквите фотографии ги правите како нешто невино, бидете свесни дека постојат луѓе што не би се согласиле со вас. Затоа ваквите фотографии во никој случај немојте да ги споделувате, со никого!
Фотографии што го покажуваат училиштето или градинката каде што оди вашето дете
Тука мораме да внимаваме на основната безбедност. Со споделувањето на ваквите фотографии мора да бидеме многу внимателни, освен во случаи кога во некое место постои само едно училиште, па секој го знае тој податок. Може да се открие многу повеќе, но внимавајте што споделувате со непознати луѓе. Сигурноста на вашето дете нека биде на прво место.
Незгоди со пелени
Постојат одредени видови фотографии чие место не е на интернет, а ја вклучуваат големата нужда на детето. Иако можеби одвикнувањето од пелени е забавно да се гледа отстрана, таквите фотографии задржете ги за себе.
Останува прашањето што можеме да објавиме? Мој личен став е – ништо. Нашите деца заслужуваат приватност и иако ни се чини дека споделувањето на нивните фотографии не може да ја наруши таа приватност, мораме да им го дозволиме токму она што и ние го имаме – можност на избор. Избор да одлучат дали некогаш ќе имаат „Фејсбук“ или ќе немаат и ќе останат анонимни во светот каде што приватноста од овој тип е луксуз. Тоа е најмалку што можеме да им го дадеме.
Автор: Михаел Шанко