Воспитување

Разговорот со децата за заљубувањето е важен, а првата љубов треба сериозно да се сфати

Заљубувањето е составен дел од растењето, а многу родители се изненадени кога нивното, до вчера мало дете, ќе им каже дека се заљубило, дека има симпатија. Но, експертите советуваат дека зборувањето со децата за заљубувањето е најважно.

Ако забележите дека вашето дете има симпатија, дефинитивно ќе сакате да дознаете повеќе за тоа. Ако имате дилема дали сте ја преминале границата на пристојноста додека разговарате со вашето дете, експертите тврдат дека е неопходно да се разговара со децата за тоа. Првата љубов и заљубувањето се важни, а долго време тоа е занемарена пресвртница во животот на децата на која родителите треба да ѝ пристапат со почит и разбирање, велат психолозите.

Децата и заљубувањето

Искуството со симпатии може да почне уште на претшколска возраст, а најчесто овие чувства се еднонасочни. Симпатиите се вообичаени кај децата пред пубертет и овие чувства задоволуваат некои од нивните важни потреби.

– Децата имаат нови романтични идеи и нови романтични чувства, но не се подготвени да ги преточат во романтични однесувања или врски – вели Џули Баукер, професорка по психологија на Универзитетот во Њујорк.

– Кога детето ќе се заљуби, чувствува силни емоции, а на некои деца им е тешко да се справат со толку силни емоции – додава Кетрин Багвел, професорка по психологија од Универзитетот во Џорџија.

Разговор со децата за заљубувањето

Кога зборувате за заљубувањето со децата, прашајте ги зошто им се допаѓа таа личност, како би сакале да го поминуваат времето со симпатијата и дали би сакале да ги поканат да се дружат. Зборувајте и за тоа што ќе се случи ако вашето дете и симпатијата немаат исти чувства, односно ако само вашето дете е заљубено, а симпатијата на пример воопшто не знае. Разговорот со децата за нивната љубов им помага да се чувствуваат стабилно и природно во таа ситуација, што ја намалува и нивната срамежливост.

Причина за загриженост

Кога детето има симпатии кон некого, тоа може да доведе до опсесија, а може да оди и подалеку. Помогнете им на децата да разберат дека некои однесувања може да доведат до непријатни ситуации. Постои начин да ѝ се восхитувате на другата личност, а тоа вклучува многу почит, но постои и начин кој ги надминува границите на учтиво однесување и важно е тоа да им се објасни на децата за да ја разберат разликата.

Родителите треба да се спротивстават на секое сомнително и непријатно однесување. На пример, повеќе не треба да биде нормално и природно симпатијата да се трга за коса, однесување што некогаш се сметало за нормално и очекувано. Почитувањето е најважното нешто на кое треба да ги научите децата, како и правилото за согласност на физички контакт.

Разговорите се многу важни

Разговорите меѓу родителите и децата за заљубувањето и симпатиите може да бидат основа за здрави романтични врски во иднина. Децата имаат можност да ги надминат границите и отфрлањето, но и да развијат емпатија преку оваа комуникација со нивните родители. Првите разговори со децата за заљубувањето им даваат можност на децата да научат како да се справуваат со врските и да зборуваат за нив на долг рок. Зборувајќи за нешто нормално и вообичаено како што се симпатиите и првата љубов, оставате простор за уште многу теми и разговори кои долгорочно би можеле да бидат поважни, велат експертите.

Извор

Поврзани написи

Прашај психолог

Рубриката „Прашај психолог“ овозможува стручна поддршка од психолози и психотерапевти на родителите при справување и решавање одредени актуелни прашања од психолошка природа на нивните деца. На прашањата одговараат психолози и психотерапевти соработници на Деца.мк.

To top