Како родител, јас моите две малолетни деца ги вакцинирав со сите вакцини од редовниот календар за имунизација, во нашите здравствени домови, со вакцини што се користат во Македонија, вели Грозданова

За намалување на бројот на вакцинираните децата не се виновни само антивакциналните кампањи, туку и недовербата во здравствениот систем, недоволната едукација и на здравствените работници, смета Александра Грозданова, професорка на Фармацевтскиот факултет при Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ во Скопје, која е претседателка на Комитетот за имунизација на Република Македонија. Таа најавува низа чекори за враќање на состојбите на старо

Најавивте проширување на вакциналниот календар со две нови вакцини. Едната е за стрептокока која предизвикува пневмонија, а другата е за рота вируси, познати како силни стомачни вируси. Зошто сметате дека треба да се воведат и кога ќе станат задолжителни овие две вакцини?

– Очекуваме од наредната година тие да бидат задолжителни. Бактеријата стрептокока пневмонија предизвикува заболувања особено кај малите деца, и тоа: инфекции на увото, синусите, воспаление на белите дробови, но и тешки компликации како воспаление на мозочните обвивки (менингитис). Помалите деца до двегодишна возраст, како и новороденчињата, имаат голем ризик за појава на овие заболувања. Имено, многу често оваа инфекција се јавува кај децата што посетуваат градинки, како и кај деца со намален имунитет. Пневмококната вакцина е во редовен календар за имунизација во многу држави во светот, вклучувајќи ги државите од Западна Европа, но и Словенија, Бугарија и Србија.
Вакцинацијата против рота вируси, пак, е воведена во европските земји, препорачана од СЗО, од Комитетот за имунизација и од Клиниката за детски болести. Овие вируси предизвикуваат огромен проблем кај децата до две години со особено изразени дијареи (проливи) и компликации. Рота вирусите се причинители за околу 25 отсто од заболувањата со дијареи кај децата до петгодишна возраст и се една од главните причини за морбидитет и морталитет (зачестеност на заболување и смртност) во светски рамки. Најопасни се инфекциите кај малите деца од 6 до 24 месеци и може да дадат тешки компликации. Многу држави во светски рамки, вклучително и државите од Западна Европа, ја имаат во редовниот календар за вакцинација.
Инвестицијата во превентивата преку вакцинација кај овие две заболувања кои се многу чести кај децата значи сериозно намалување на третирањето на овие состојби и тоа како директни трошоци на лекување (најчесто антибиотската терапија, денови на болничко лекување, сериозни компликации), но и индиректни трошоци, како неквалитет на живот, отсуство на родителите од работа, на децата од школо и слично.

Кои вакцини што сега се даваат ќе се заменат со нови видови?

– Осовременувањето на календарот е во однос на ДТП-вакцината (за дифтерија, тетанус и пертусис). Според стариот календар, на седумгодишна возраст се дава ДТ адултна вакцина (дифтерија тетанус) и ОПВ, т.е. орална полио вакцина (онаа што се прима со лажичка). Со новиот календар на шестгодишна возраст наместо овие вакцини, ќе се дава ДТП – ИПВ (комбинација на вакцина против дифтерија, тетанус и пертусис со инактивна полио вакцина). На овој начин се вклучува ацелуларна вакцина против пертусис (која не дава несакани реакции) наместо укинатата ДТП на четиригодишна возраст) и инактивна полио вакцина наместо орална полио вакцина.
Според стариот календар, на 14-годишна возраст се дава ДТ адултна вакцина (дифтерија и тетанус) и орална полио вакцина. Со новиот календар на 14-годишна возраст ќе се дава ДТ-ИПВ (комбинирана вакцина дифтерија, тетанус и инактивна полио вакцина) и се заменува оралната полио со инактивна полио вакцина. Овие новини исто така ќе важат од почетокот на 2019 година.

Министерот за здравство д-р Венко Филипче кажа дека се испитува можноста вакцинацијата да е услов за запишување во градинка и во училиште. Оваа изјава предизвика реакции дека ваквото условување е неуставно. Во исто време се поставува прашањето како или дали е можно да се заштитат со вакцина оние што ги испуштиле роковите за вакцинација?

– Оние што не се вакцинирани, вакцините, или дел од нив, може да ги примат и подоцна. Има начин да се реши тоа. Инаку, задолжителната вакцинација е услов за запишување во градинка и во училиште според моменталните законски одредби на Република Македонија. Сведоци сме дека поради одредени отстапки во моментов и децата што не се вакцинирани се примаат во училиште. Но на таков начин и со севкупниот пад на опфатот на имунизација се доведува во прашање намалувањето на колективниот имунитет, што е единствен услов за успешна превенција на овие инфективни болести. Во тој случај и вакцинираните деца ги доведуваме во опасност, а уште повеќе оние што поради возраста или здравствената состојба, не се вакцинирани. Засега сѐ уште се разгледува ова прашање, се прават анализи, па потоа ќе знаеме како ќе постапиме.

Родители се плашат да ги вакцинираат децата поради информации дека вакцините предизвикуваат тешки и смртоносни заболувања, аутизам…

– Сосема ги разбирам родителите, секој му го посакува најдоброто на своето дете и секако дека се грижи за можните несакани реакции од вакцините. Сочувствувам и како здравствен работник и како родител со семејствата што имаа несигурност во однос на безбедноста на вакцините и нивната поврзаност со аутизам, дијабетес и други заболувања. На овие дилеми ќе ви одговорам и научно и како родител. Во науката, огромен број клинички студии и истражувања јасно потврдуваат дека нема директна асоцираност помеѓу вакцините и појавата на овие заболувања. Квалитетот и безбедноста на вакцините се едни од најригорозно контролираните процеси во целата фармацевтска индустрија и да не заборавиме дека им се даваат на милиони деца на светско ниво, со децении наназад. Како родител, јас моите две малолетни деца ги вакцинирав со сите вакцини, од редовниот календар за имунизација, во нашите здравствени домови, со вакцини што се користат во Македонија.

Се забележува дека трендот на опаѓање на опсегот на вакцинација во Македонија во последните години е најизразен во урбаните средини…

– Тоа се должи на повеќе фактори. Покрај постоењето на антивакцинални движења кои се активни по социјалните мрежи, состојбите како генералната недоверба на населението во јавно-здравствените политики, нетранспарентноста за начините на набавка и квалитетот на вакцините кои се користат, влијанието на информациите добиени од непроверени и непрофесионални извори кои се лесно достапни до родителите, како и ниското ниво на здравствена едукација на општото население имаат удел во ваквата состојба. Она што е најзагрижувачко се несигурноста, некомпетентноста и недоволната едукација на дел од здравствените работници за имунизација, што често резултира тие наместо да бидат промотори на превентивата, да бидат пропагатори на нестручни информации за имунизација. Ваквата состојба ги доведува родителите во дилема и голем дел од нив потпаѓаат под влијанието на социјалните медиуми преплавени со неточни информации за имунизацијата.

Меѓутоа, ваква состојба нема само кај нас, колективниот имунитет е проблем и на развиени земји?

– Така е. Со слични состојби се соочија во минатото и западноевропските земји и САД, но ваквиот тренд во овие земји е надминат. Дури и во земји во кои вакцинацијата не е задолжителна, опфатот на имунизација е над 90-95 отсто со вакцините од редовниот календар. Тоа е токму поради тоа што населението во високо развиените земји го препозна бенефитот од имунизацијата како една од основните јавно здравствени придобивки. Поради миграцијата на населението и промената на епидемиолошките состојби, земји како Италија годинава повторно ја вратија задолжителната вакцинација. Сведоци сме на епидемија на мали сипаници, морбили во Србија каде што бројката на заболени за последните пет месеци достигна над 4.500 луѓе, од кои со смртен исход завршиле 12 лица.

Министерството најави активности за да се зголеми опфатот на вакцинација. Какви чекори ќе се преземат?

– Имунизацијата е еден од приоритетите на Министерството за здравство, имајќи предвид дека инвестицијата во превентивата има недвојбена клиничка, социјална и фармакоекономска оправданост. На Министерскиот форум на министрите за здравство во февруари годинава 12 земји на Југоисточна Европа (ЈИЕ) ја потпишаа изјавата за намери за важноста на имунизацијата, која ќе биде основа врз која ќе се зајакнат и зголемат заедничките активности, потребата од јакнење на системот за имунизација, партнерството и соработката како интегрален дел од здравствениот систем на земјите од ЈИЕ. На состанокот беше потенцирано дека процесот на имунизација е интегрален дел од добриот и функционален здравствен систем и е во согласност со Акцискиот план за вакцинација во Европа 2015-2020, како и Програмата на СЗО 2020. Согласно Акцискиот план, приоритетните области во кои ќе се дејствува со повеќе предлог-активности ќе бидат насочени кон набавка на квалитетни вакцини, ефикасна контрола врз процесот на имунизација, пристапност до вакцините и континуирана промоција и едукација на бенефитите од вакцинацијата.

Активностите се насочени на сите нивоа, од моментот на набавка на квалитетни вакцини, осовременување на календарот на имунизација, подобрување на условите каде што се даваат вакцините, едукација на родителите и на здравствените работници, до начините на давање на вакцините на децата. Направен е пресек на моменталната состојба со опфат на вакцинација и реализиран е попис на расположливите количини вакцини во државата. Ги мобилизиравме сите здравствени институции почнувајќи од факултетите, професионалните асоцијации, здруженијата, друштвата и коморите, преку кои ќе спроведеме различни форми на активности и континуирана едукација и ќе ги вклучиме здравствените работници како основен столб и промотор на имунизацијата. Наша етичка и професионална одговорност е да дејствуваме во овој сегмент, а институциите имаа можност, но и обврска да бидат активни чинители во овој дел од здравствената едукација.
Подготвена е комуникациска и едукативна стратегија со која преку социјалните медиуми, градинките и училиштата сакаме да допреме до родителите и да им посочиме проверени и научно потврдени извори на информации во врска со имунизацијата. Преку општините и локалната самоуправа се планираат јавни дебати и трибини каде што сме спремни да одговориме на прашањата на родителите. Исклучително битна ни е соработката со медиумите и на тоа ќе посветиме големо внимание. Тие се нашиот партнер и сојузник во правилниот начин на информирање, достапноста на точни и проверени податоци и секако објективна критика ни е потребна.

Беше најавено и формирање на Национално тело за вакцинација. Со што ќе се занимава?

Националното координативно тело за вакцинација ќе биде одговорно за целокупниот процес за вакцинација во земјава почнувајќи од набавката на вакцините до нејзините крајни корисници, односно децата. Ќе се активираат членови од сите регулаторни тела кои учествуваат во делот на контрола, дистрибуција и употреба на вакцините. Ќе се изготват акциски план и национална стратегија за едукација и промоција на вакцинацијата како еден од основните столбови на јавното здравје. Се планираат национална стратегија и кампања за важноста на вакцинацијата, со оглед дека веќе на регионално ниво е вклучен алармот за пад на опфатот на вакцинирани со морбили, а како што кажав, епидемии со голем број заболени, дури и со смртни случаи, има и во нашето поблиско соседство.



912

X