Воспитување

Разговарајте со вашето бебе. Прочитајте зошто е битна комуникацијата

Секој од нас во животот имал барем една блиска личност со која комуницирал и се разбирал без зборови, со погледот, со гестови, со кревање на веѓите… Тоа се посебни и силни врски кои луѓето не можат да ги развијат со секого, туку само со неколкумина што ги чувствуваат блиски. Во детството и во младоста тоа се најдобрите другари и другарки, подоцна се животните партнери, а кога ќе пристигне бебето, тогаш тоа станува таа посебна личност со која мама и тато успешно комуницираат без употреба на зборови.

Додека не ги научи првите зборови, а за тоа се потребни месеци, дури и цела година, бебето претежно комуницира со плачење, мимики и разни други невербални знаци. Кога ќе заплаче, мама и тато знаат дека е гладно, жедно, дека нешто го боли, дека му е ладно или жешко, дека му треба утеха… Колку подобро реагираат родителите на пораките на бебето, толку поуспешно тоа ќе ги испраќа своите пораки. Иако можеби не ви изгледа така, оваа основна комуникација ќе биде пресудна за развојот на говорот на бебето, кој се менува од месец во месец, па дури и од ден на ден.

Кога бебето е на возраст од четвртиот до шестиот месец, тоа интензивно испушта звуци што носат одредени пораки. Понекогаш може да се прочитаат од самата интонација, понекогаш од ритамот, а мама и тато треба ентузијастички да го охрабруваат да гуга, да повторува слогови. Поголемите бебиња, кои се на возраст од шест до девет месеци, почнуваат да користат широк спектар на самогласки, да употребуваат посебна интонација за секој звук што го испуштаат, а некои од нив успеваат и да го совладаат првиот збор – НЕ. Колку и да е фрустрирачки за родителите, тоа е најважниот чекор кон вистинска комуникација.

Околу првиот роденден повеќето бебиња ги изговараат првите зборови – мама, тато, баба, дедо, дај – а потоа развојот на говорот се движи незапирливо. Доколку постои добра стимулација и добра интеракција со околината, првенствено со родителите, бебето секој ден ќе совладува нови зборови, а околу вториот роденден би требало да има околу 50 збора во својот речник. Со совладувањето на новите зборови напоредно детето учи и да ги поврзува, а го учи и нивното значење, во што родителите треба да му помогнат. Еве што треба да направите…

• Мајката треба да му се обраќа на бебето уште додека е во стомакот, во текот на бременост, но не да шепоти, туку да му зборува со јасен глас.
• На бебињата треба да им пеете пред раѓањето и веднаш по раѓањето, бидејќи тоа е важно за да го совладаат јазикот.
• Со бебето треба да разговарате уште првиот ден кога ќе се роди. Без разлика што не ве разбира, тонот и бојата на вашиот глас се доволни за да ја испратите пораката „мама те сака“, „сигурен си во рацете на тато“…
• Кога му се обраќате на бебето, потрудете се да ги поврзете зборовите со „акцијата“. Кога ќе кажете „ќе те скокоткам“, скокоткајте го. Кога му менувате пелена, кажете му што правите. Во почетокот нема да ве разбира, но кога ќе дојде време, ќе знае што е скокоткање, а што е пелена.

И кога ќе почне да ве боли главата бидејќи вашето дете постојано брбори, сетете се на почетокот кога со нетрпение го чекавте првиот збор.

Поврзани написи

Прашај психолог

Рубриката „Прашај психолог“ овозможува стручна поддршка од психолози и психотерапевти на родителите при справување и решавање одредени актуелни прашања од психолошка природа на нивните деца. На прашањата одговараат психолози и психотерапевти соработници на Деца.мк.

To top