Воспитување

Разгаленото дете е производ на разгаленото општество

Разгалено дете – земете го зборот разгалено во која смисла сакате – тоа е производ на разгалено општество. Во такво општество разгаленото дете плашливо ќе се бори со животот. Наместо вистинска слобода која значи да се сака, а чија смисла детето не ја познава, нему му е дозволено дивеење.

Разгаленото дете е напаст за себе и за општеството. Можете да го забележите во воз или во автобус како поминува преку нозете на патниците и вреска по ходниците, не обрнувајќи внимание на преколнувањето од своите исцрпени родители да биде мирно – молби кои тоа веќе одамна не ги слуша.

Подоцна, кога разгаленото дете ќе порасне, тоа во животот полошо се снаоѓа дури и од детето што било подложено на претерана дисциплина. Разгаленото дете е многу саможивно. Тоа израснува во човек кој расфрла облека по целата спална соба, очекувајќи некој друг да ја собере. Се разбира, разгаленото дете, сега возрасно, доживува многу отфрлања. Често разгаленото дете е единец. Бидејќи нема врсник со кој би си играло, тоа се поистоветува со родителите: сака да го прави истото што и тие. Бидејќи родителите го сметаат за светско чудо, тие очигледно и го поттикнуваат таквото негово однесување, плашејќи се дека ако дури и малку му се спротивстават, ќе ја изгубат неговата љубов.

На детето не треба да му се дава сè што ќе побара. Генерално зборувано, децата денес добиваат премногу, толку многу што престануваат да го ценат подарокот. Често родителите претеруваат со давањето подароци. Таквите родители прават од родителската љубов претстава преку давање скапи подароци на децата, исто како што и мажот кој бил неверен ќе ѝ купува на сопругата скапа будна, која инаку не може да си ја дозволи. Разгаленото дете ретко вреднува нешто. Тоа добива нов велосипед со три брзини, а за некоја недела подоцна во текот на ноќта ќе го остави надвор на дожд.

Разгаленото дете многу често за родителите претставува нивна втора животна шанса. „Малку го искористив животот бидејќи толку многу луѓе ме попречуваа, но мојот син ќе има шанса да успее онаму каде што јас потфрлив“. Токму таквата мотивација го тера таткото кој нема музичко образование да инсистира на тоа неговиот син да учи да свири на пијано. Исти нагони има и мајката која заради бракот се откажала од кариерата, па ја праќа ќерката на часови по балет, иако детето е несмасно. Ваквите родители тераат безброј момчиња и девојчиња да изберат работа и студии кои тие, препуштени на себе, никогаш ни во сон не би ги избрале. Кутриот родител не може да му одолее на своето чувство!

Потоа постои и разгалено дете чија мајка не сака тоа никогаш да порасне. Мајчинството е работа, но не и доживотно занимање. Повеќето жени го сфаќаат тоа, но често можеме да слушнеме забелешка на некоја мајка за ќерката: „Премногу брзо растат!“

На детето не треба да му се дозволи да ги крши личните права на другите. Родителите што не сакаат да го разгалат своето дете мора да прават разлика помеѓу слобода и распуштеност.

Автор: Александар С. Нил,  извадок од книгата „Слободните деца на Самерхил“

Поврзани написи

Прашај психолог

Рубриката „Прашај психолог“ овозможува стручна поддршка од психолози и психотерапевти на родителите при справување и решавање одредени актуелни прашања од психолошка природа на нивните деца. На прашањата одговараат психолози и психотерапевти соработници на Деца.мк.

To top