Повеќето деца развиваат преференции за користење на едната рака повеќе отколку другата. Потоа стануваат припадници на групата левучари или десничари. Некои дури можат да ги користат и двете раце за пишување или извршување одредени задачи. Тие се познати уште како „амбидекстери“ или „мешани“.

Што значи доминантна рака?

Доминантна рака е преференција за користење на едната рака повеќе од другата за да се изведуваат разни моторни активности. Ова вклучува активности како пишување, сечење, фаќање и фрлање топка. Доминантната рака навистина не е избор бидејќи не е свесна одлука која ја донесуваме како деца. Генетиката и индивидуалниот ум играат главна улога во тоа која рака ќе биде доминантна. Родителите треба да бидат внимателни во обидите да ја променат доминантната рака кај децата. Исто така, не треба да се грижат ако детето не развие преференција за користење на едната рака до одредена возраст. Дозволете ѝ на природата да го има својот тек и зборувајте со наставникот на детето или со лекар, ако сте загрижени за нешто.

Кога едната рака на детето станува доминантна?

Некои деца ја откриваат својата доминантна рака многу рано. Може да забележите како вашата ќерка или син ја користи својата десна рака повеќе и почесто, и тоа на возраст од седум или девет месеци. Сепак, ова може да не биде перманентна состојба. Поголемиот дел од времето децата почнуваат да покажуваат перманентна доминантност на едната рака на возраст од околу две години. За некои деца тоа може да не се случи сè до возраст од четири до шест години.

Кога децата почнуваат да учат да пишуваат на училиште, нивните наставници може да забележат дали веќе имаат избрано доминантна рака. Некои не го прават тоа, па се „амбидекстери“ или мешани. Забавен факт: кај 20 проценти од идентичните близнаци еден ќе биде левучар, а другиот десничар.

Типови доминантност на раката

1. Десничари: луѓе што преферираат да ја користат својата десна рака за извршување на повеќето задачи. Повеќето луѓе се десничари. Вообичаени алатки како ножици, отворачи на конзерви, дури и тетратки се често дизајнирани за користење од страна на десничарите.

2. Левучари: мала група од популацијата, која е во пораст и ја користи левата рака за извршување на задачите. Некои активности им е потешко да ги извршуваат бидејќи, како што споменавме, повеќето алатки се дизајнирани за десничари. Но, во поново време и тоа се менува.

3. Мешани: некои луѓе сакаат да ја користат десната или левата рака за извршување една задача, а спротивната рака за друга задача. На пример, дете кое е мешано во оваа смисла може да пишува со десната рака, а да фрла топка со другата рака.

3. Амбидекстери: само околу еден процент од светската популација можат да ги користат двете раце за која било задача.

Две раце, една задача

Иако доминантноста на едната рака значи дека задачите се извршуваат поефикасно со доминантната рака, сепак, раката што не е доминантна исто така игра значителна улога во завршувањето на задачите. Ова е уште познато како билатерална координација и е важна за многу  задачи и активности. Пример за тоа е пишувањето на тастатурата од компјутерот кога двете раце работат заедно.

Автор: Аманда Морин



912

X