Според тврдењето на докторите од американската клиниката „Мејо“, нежната масажа помага да се ублажат симптомите на настинка кај бебињата
Нежниот допир од мајката му помага на детето да се смири и подобро да се чувствува доколку е настинато, тврдат лекарите од прочуената клиника „Мејо“. Тие препорачуваат масажа на лицето на детето и тврдат дека така може да се ублажат симптомите на настинка. Најважно е да не го масирате детето ако се противи на тоа или ако во моментот не му се допаѓа.
Еве неколку совети како да масирате настинато бебе
1. Фатете му ја главата на детето од страните, ставете ги палците на слепоочниците на детето и нежно притискајте со прстите. Потоа масирајте ги слепоочниците по должината на линијата која продолжува од веѓите – правете мали кругови во насока на вртењето на стрелките на часовникот.
2. Почнете така што палците да ви бидат ставени на ушите на детето, потоа спуштајте ги рацете кон брадата, зафаќајќи ги образите. Повторете го истото движење во спротивна насока – од брадата кон ушите. Најдобро е оваа масажа да ја повторите 10 пати.
3. Со палците нежно притиснете го делот од лицето меѓу ноздрите на детето и образите. Повлекувајте ги палците одгоре надолу и обратно, преминувајќи преку јаболчниците и спуштајќи се до аглите на усните. И ова повторете го 10 пати.
4. Нежно повлечете ги образите на детето нагоре, како да сакате да го натерате да се насмее, потоа повторно вратете се до линијата на усните. Повторете ја оваа масажа 10 пати, со сосема мал притисок. И никогаш не масирајте го детето сосила – нема ефект.
Нежните допири го опуштаат и го смируваат бебето, а се добра подготовка за вежбање и за стимулација за сетилата на бебето.