Познато е дека голем број од родителите се уморни од молењето на нивните непослушни деца да играат заедно без расправии и тепачки. Но, има нешто што навистина ќе ги израдува: ривалството помеѓу браќата и сестрите може да го зајакне менталниот и емоционалниот развој, да ја зголеми зрелоста и да ги подобри нивните социјални вештини.

Родителите не треба да се грижат дури и ако расправиите се влошуваат како што растат децата – но научниците нагласуваат дека овие придобивки се можни само ако децата се еднакви во вербалната борба и ако најдат компромиси заедно.

– Колку се поборбени и колку повеќе се караат и колку повеќе постарото дете го „спушта на земја“ помалото, толку повеќе учат сложени лекции за комуникацијата и јазичните вештини – вели д-р Клер Хјуз, автор на книгата „Социјално разбирање и социјални животи“.


Врз основа на петгодишен истражувачки проект за браќа и сестри, Центарот за семејно истражување на Универзитетот во Кембриџ го испитал когнитивниот и социјалниот развој на децата на возраст од 2 до 6 години.

– Колку повеќе се вознемируваат меѓусебно децата, толку повеќе учат за регулацијата на своите чувства и за тоа како може да влијаат врз емоциите на другите. Секако, ако ривалството излезе од контрола, тоа може да биде многу негативно. Постојаното насилство е силен предиктор дека агресивното дете ги малтретира своите врсници – вели Хјуз.

– Не сакам да бидам жената што вели дека е добро ако вашите деца се мразат едно со друго, но родителите можат на некој начин да се утешат кога нивните деца се расправаат со фактот дека тие учат вредни социјални вештини што ќе ги искористат надвор од домот – додава таа.

Џуди Дан, професорка по развојна психологија на Институтот за психијатрија, вели дека иако можеби не се чувствува така, ривалството меѓу браќата и сестрите може да биде конструктивно. Тоа ги подготвува децата за важните врски кога ќе бидат постари.

– Станува збор за природен дел од врската меѓу браќата и сестрите и има свои добри страни: може да ги мотивира да изберат различни работи во кои ќе бидат извонредни – вели д-р Тина Кречмер, коавтор на книгата „Браќа и сестри – пријатели или непријатели“.

Извор



912

X