Не постои човек што чул како пее Мила, а останал недопрен од моќта на нејзиниот глас

Не можете да останете рамнодушни додека слушате како пее осмоодделенката Мила Игнатоска. Кога го гледате нејзиниот настап додека ја пее песната „Со маки сум се родила“, сфаќате дека и повеќе од заслужено е првото место во соло-пеење што го освои на ниво на град Скопје.

Ова девојче, покрај тоа што има божествен глас, е и најуспешно во својата генерација. Неодамна освои 1. место на државниот натпревар во соло-пеење.

Мила треба и да сними спот, како заштитно лице на македонската раса куче караман и да ја препее песната „Излегол Невен Пејо“. Учесник е на многубројни настапи поврзани со различни манифестации, традиционално учествува на литургијата на празникот Цветници со тропари кои ги учи во манастирот во Рајчица, учествува и со пејачка група на „Галичката свадба“, а тука се и успесите од натпреварите по другите области во училиште, како и учество во натпреварите и програмите врзани со Еразмус плус.

Клучен момент – кампот во манастирот во Рајчица откако починал татко ѝ

Мајка ѝ на Мила, Соња Танеска-Игнатоска, вели дека ќеркичката имала интерес за пеење уште од малечка, но, сепак, подолг период била на став дека треба многу да работи за да може да застане на сцена.

– Сметав дека треба да знае да се справи со тремата, да почне да ја изнесува емоцијата. Пред точно пет години кога, за жал, го загубивме таткото на Мила, сосема случајно до мене дојде линк со опис дека се одржуваат летни кампови во манастирот „Св. Ѓорѓија“ во селото Рајчица. Разговаравме и заедно одлучивме да го посети кампот. Кога стигнавме таму, почувствував дека малку е исплашена, ама сепак остана. По неколку дена кога ја зедов, беше како друго дете, а не онаа исплашена срничка со сини насолзени очи, многу ѝ помогнаа мирот и активностите во манастирот да надмине едно од најтешките чувства, загубата на родител. Токму тогаш сестра Касијана, која е задолжена за византиско пеење, ми посочи дека Мила има божествен глас и дека би било грев да не го негува. Мислам дека тогаш Мила вистински се охрабри да го пушти славејот од себе, ама на свој начин, уникатен и поинаков – се присетува мајката Соња.

Јавните настапи за училиште, на хор, настапите на различни манифестации и пејачки групи во рамките на игроорното друштво во кое членува почнале на нејзина деветгодишна возраст. Претходно Мила си пеела за своја душа и повеќе била насочена кон танцувањето како член на танчарска група во рамките на фестивалот „Супер Ѕвезда“, кој повеќе не постои.

Едвај чекам да завршам со учење за да можам да пеам

Мила годинава завршува осмо одделение во Основното училиште „Мирче Ацев“ во Општина Ѓорче Петров. Покрај пеењето, таа е многу посветена на читањето книги, ги сака природните науки, историјата, сака да патува и да запознава различни култури.

– Имам многу другарки. Во градов има малку активности за наша возраст, така што најчесто одиме во кино, на јадење, во парк, на Водно, разговараме, се дружиме, смислуваме активности за роденденските забави, правиме планови за патувања. Инаку, во текот на учебната година деновите ми се понекогаш премногу напорни бидејќи училишните активности морам да ги комбинирам и со активностите во различни училишни клубови, а и активности по часовите. Станувам рано, секогаш појадувам и денот ми почнува. Ако сум прва смена во училиште, имам и малку време да се одморам, но најчесто денот ми е таков, училиште, хор, часови по етнопеење и танци, курс по јазици, некогаш се случува да излезам од дома во 7:30 наутро, а да си дојдам во 10 навечер – вели Мила.

Мила и Соња

Таа сака деновите да ѝ бидат исполнети, но се труди да заврши што поскоро со учењето за да може да му се посвети на пеењето.

– Ме опушта и ми дава енергија понекогаш да ги надминам напорните денови, им пеам на другарките, пеам во училиште. Сепак, има денови кога сум преморена, а тогаш навистина сакам цел ден да лежам во кревет и да гледам филм. На прашањето што сакам да бидам во иднина, одговорот е тежок. Јас само сакам да сум своја, не знам која професија ќе ја одберам во животот, засега знам дека изборот за средно училиште ќе ми биде гимназија, а понатаму ќе видиме – завршува Мила.

Храбро ја поднесе загубата на татко ѝ

Како близнак во хороскоп навистина понекогаш морам да се справувам со две „Мили“, на шега вели мајка ѝ Соња.

– Како и секое дете, си има свои тинејџерски маани, но навистина не би требало да се пожалам. Таа е една од најдобрите ученички во својата генерација, покажува интереси за секоја област, нејзините денови понекогаш се толку напорни, што едвај стигнува и да јаде, трчајќи на часови, дел е од речиси сите воннаставни активности во училиштето, како што споменав, посетува часови за етнопеење и танц, што можеби се чини едноставно, но навистина бара многу труд. Мила е среќно дете, силна е и цврста, одлучна, амбициозна и одговорна. Загубата на татко ѝ ја поднесе храбро и се насочи кон тоа да го даде максимумот, пред сè, во учењето, а потоа и во пеењето, кое верувам дека ѝ дава оддишка од напорниот распоред на обврските во текот на денот. Сака да патува, да се дружи, да запознава нови луѓе – раскажува Соња.

Таа додава дека отсекогаш била строга мајка, а таткото на Мила бил од оние родители што би направиле сè за својата ќерка.

– Веројатно мојата генерација немаше привилегија да биде баш голем пријател со родителите, па токму поради тоа, јас уште од нејзиното раѓање сметав дека е најважно да бидеме пријателки, секако, до границата родител-дете. Ја родив многу млада, на 22 години, и некако заедно растевме. Не се тргнав од насоката дека за секоја работа во нејзиниот живот, за кој било проблем треба да ми се обрати мене, пред сè, затоа што јас како мајка ниту ќе ја осудам ниту ќе ѝ наштетам, можам само да бидам покрај неа, да помогнам, да ја слушнам, да ја поддржам. Мила е воспитана да ги почитува роднините, да ги почитува повозрасните, пријателите, но и да го каже своето мислење јасно и гласно на соодветен и пристоен начин. Борбена е и сакам да остане така, оти во ова општество само на тој начин може да се опстане иако нашите планови се нејзините студии да ги продолжи во странство, бидејќи и самата е свесна и гласно кажува дека по враќањето од кое било  патување надвор, во земјава се чувствува жално – објаснува Соња.

Најважно е да порасне во човек

Таа смета дека е најважно за секој родител да создаде човек од детето.

– Јас сум секогаш тука, но Мила мора да биде независна, мора да научи да се справува со проблеми, мора да научи одредени животни вештини, едноставно мора да стане човек кој ќе функционира како единка што придонесува за општеството. Ние двете сме премногу поврзани, нашата емоционална врска е премногу силна, но јас ја оставам да донесе свои одлуки, а потоа од резултатот да ги прифати и последиците, од малечка ја оставам да патува без мене, не само во рамки на државата, туку и на многу дестинации низ светот, секогаш ѝ дозволувам да проба одредена активност ако пројави интерес, детето треба да се пронајде себеси и секако едно од најважните нешта е љубовта. Како што велат дека детето и карактерот најмногу се оформуваат до шестата година од животот, јас и татко ѝ жртвувавме можеби некои работи од нашиот приватен живот, но ѝ дадовме многу љубов, тоа продолжува и денес и така ќе биде секогаш – додава мајката на девојчето.

Фото: Томислав Георгиев

Убавината на нејзиното пеење е и во комбинацијата од етно и византиски украси кои без големи интервенции на професор сама ги вежба дома. Мајка ѝ вели дека понекогаш ѝ е жал за соседите, ама се надева дека уживаат.

– Треба уште многу да се работи, меѓутоа, не постои човек што ја слушнал, а да не биде едноставно допрен од моќта на нејзиниот глас. Ова го зборувам од несубјективен агол бидејќи јас сум навистина тежок човек што би дал пофалба, дури некогаш знае и по неколку пати да ми повтори дека порано, како помала, кога пеела по дома премногу сум ја критикувала, а тоа ја обесхрабрувало и затоа денес ме казнува и не ми ги пее омилените песни. Знам да ја критикувам, некогаш повеќе, некогаш помалку, ама доброто е што ме разбира, затоа што според мене, покрај поддршката, главна мотивација треба да биде и искреноста, не можете вие на детето да му повторувате дека во сè е најдобро и најубаво, мора да му укажете и на грешките токму затоа што му мислите добро – смета Соња.



912

X