Би било совршено кога жената би можела да биде сигурна дека е бремена штом се спојат сперматозоидите и јајце-клетките. Некои жени имаат суптилни (или не баш толку суптилни) знаци на рана бременост од самиот почеток. Хормонските промени почнуваат веднаш штом оплодената јајце-клетка влегува во вашата матка, затоа е можно некои знаци да ги чувствувате многу рано во бременоста.

Колку рано може да се очекуваат знаците за бременост?

Некои жени велат дека едноставно знаеле кога зачнале – имале чувство, интуиција која им порачала дека се бремени. Но, повеќето жени нема да ги забележат знаците на бременоста, ниту тестот за бременост ќе им биде позитивен, додека не дојде до имплантација, односно најрано 7-10 дена по овулацијата.

Зачнувањето почнува да го создава хормонот hCG по имплантацијата и затоа е тешко или невозможно да се детектира бременоста со тест претходно. Колку подолго чекате да направите тест за бременост по овулацијата, толку се поголеми шансите дека тестот точно ќе ја прикаже бременоста или нејзиното отсуство. Идеално, домашниот тест за бременост можете да го направите првиот ден кога ќе доцни менструалниот циклус, однос дента кога сте ја очекувале менструацијата, а не почнала.

Рани симптоми на бременоста

Секоја жена е различна и секоја бременост е приказна за себе. Можно е да имате некои од опишаните симптоми, можно е да не имате ниту еден, а најверојатно е дека ќе имате некои од симптомите, но не сите. Подеталните описи на симптомите се следни:

– Зголемена базна температура;
– Пообилна вагинална слуз;
– Лесно крвавење;
– Грчење на матката;
– Промени во дојките;
– Замор;
– Мачнина;
– Зачестено мокрење;
– Запек и гасови;
– Затнат нос или настинка;
– Чувствителност на сетилото за мирис;
– Вртоглавица;
– Акни или мозолчиња;
– Чувство на подуеност;
– Промени во вкусот или желбата за храна;
– Промени во бојата на вагината;
– Промени на грлото на матката;
– Изразени емоции;
– Изостанок на менструација.

Зголемена базна температура

Доколку ја следите (температурата на телото веднаш наутро, пред да станете од кревет), ќе забележите дека вашата базна температура останува висока, односно дека не се намалува по овулацијата. Поради присуство на хормонот прогестерон во бременоста, температурата ќе остане покачена. Можете да бидете многу сигурни дека сте бремени доколку базната температура останува висока 3 дена подолго од најдолгата лутална фаза што сте ја забележиле. Исто така, доколку забележите трет циклус од неколку дена покачена температура, веројатно сте бремени. Доколку не сте бремени, температурата ќе ви се намали како што е вообичаено по овулацијата и ќе добиете менструација.

Пообилна вагинална слуз

Зголемената количина на прогестерон често предизвикува пообилно производство на слуз во грлото на матката. Некои жени може да забележат мало зголемување на количината на слуз, додека кај некои жени тоа е пообилно. Конзистенцијата на слузот е како белка или како слузта која излегува од носот кога сте изложени на студено време. Доколку е потребно, користете секојдневни влошки. Ако забележите дека слузта е обоена во розеникава или кафеавкаста боја, тоа е знак за имплантациско крвавење.

Лесно крвавење

Од сите симптоми на бременост, крвавењето, дури и лесно, најмногу ги плаши идните родители. За среќа, лесното крвавење, најчесто не е причина за грижа. Околу 8 дена по овулација, односно 6-12 дена по зачнувањето во периодот кога би добиле менструација, можете да забележите лесно крвавење предизвикано од имплантацијата на плодот кој се вгнездил во матката. Ваквото крвавење е со светлорозова боја, не е црвено како обичната менструација и не се јавува кај секоја трудница. Иако е нормално, имајте на ум дека обилното крвавење, темната црвена крв или згрутчувањата треба да се пријават кај лекар за да се следи бременоста.

Грчење на матката

И ова ги загрижува идните родители. Но, дури и кога не сте бремени, вашата матка континуирано се грчи, а во бременоста, како што расте плодот, ги турка ѕидовите на матката, што предизвикува контракции – и тоа е нормално.
Доколку грчевите се проследени со крвавење, консултирајте се со лекар и проверете дали се работи за спонтан абортус. Имајте на ум дека крвавењето може да биде нормален дел од бременоста и дека некои жени што имаат и крвавење и грчеви во матката во бременоста може да имаат сосема здрава бременост. За секој случај, проверете ја својата состојба кај лекар.

Промени во дојките

Ова може да се уочи кај многу раната бременост. Можните промени вклучуваат чувствителност на брадавиците на допир или дразба, болни дојки или дојки кои на допир се полни со јазли, потемнети брадавици, вените во дојките исто така стануваат поизразени и поголеми, ауреолите (темниот круг околу брадавицата) може да станат потемни или поголеми, како и да се зголеми бројот на малите „јазли“ на самите аурелоли.

Замор

На почетокот од бременоста вашиот метаболизам се забрзува за да ви даде поддршка вам и на детето. Тоа оптоварување предизвикува замор. Но, и високите нивоа на хормонот прогестерон на почетокот од бременоста може да го зголемат чувството на замор. Не е ништо чудно што жените се изморени во првото тримесечје. Слушајте го своето тело и одморајте се кога можете.

Мачнини

Може да се јават во кој било период од денот, а речиси 70 отсто од трудниците ги имаат во некоја мера во првото тримесечје од бременоста. На некои жени им траат само еден дел, а на некои во поголем дел од денот – нема правила. Мачнините знаат да бидат поизразени кога нивото на шеќерот во крвта е пониско. На многу жени им помага исхраната богата со намирници што бавно се разградуваат, како и избегнување јаглехидрати и шеќери (особено рафиниран шеќер и брашно). За жал, кај некои жени мачнините се изразени и интензивни и ништо не помага за нивно ублажување. По 12. недела од бременоста се намалуваат или целосно престануваат.

Зачестено мокрење

Многу рано по зачнувањето, понекогаш само недела подоцна, можете да забележите дека почесто одите во тоалет и дека мокрите помали количини од вообичаено. Ова се случува зашто хормонот hCG, неопходен за бременоста, му испраќа знаци на телото дека се потребни поголеми количини крв на подрачјето на карлицата. Тоа пак значи дека мочниот меур станува почувствителен и дека почесто имате чувство за мокрење. Исто така, зголемената работа на срцето во бременоста значи дека телото ќе произведе поголеми количини на урина воопшто. Можно е да почнете да се будите во текот на ноќта за мокрење. Овој симптом ќе се врати на крајот од бременоста, но од друга причина, бидејќи тогаш детето ќе ви создава поголем притисок на меурот.

Запек и гасови

Хормоните на бременоста влијаат врз цревата така што ги опуштаат, помагаат да се создаде повеќе место за детето како што расте. Последица од тоа што се забавува работата на дигестивниот систем е тоа што храната останува во стомакот и во цревата подолго од вообичаено, па тоа може да предизвика запек. Но, со оглед на тоа дека храната останува во тоа подрачје подолго, доаѓа и до зголемена работа на бактериите и ферментацијата, што создава поголема количина на гасови, кои мора да излезат од телото. Едно од решенијата е промена на исхраната – повеќе зеленчук, намалување на внесот на шеќери и бело брашно – па сето тоа ќе поттикне балансирано варење.

Затнат нос или настинка

Поради хормонските промени во имунолошкиот систем, организмот станува чувствителни на настинка. Затнатиот нос е многу чест во бременоста поради влијанието на хормоните врз дишните патишта.

Чувствителни на мирис

На почетокот од бременоста непријатните мириси може да ви предизвикаат мачнина. Можно е и мирисите кои никогаш не ви пречеле сега да бидат проблематични. Мирисите од храна и кујна најчесто прават проблеми. Отворајте прозорци и престојувајте на отворено за да го „исчистите“ носот од вишокот мирис.

Вртоглавица

Забрзаната работа на срцето поради поголемата количина крв во телото може да предизвикува промени и во крвниот притисок. Тие промени се одразуваат врз телото во вид на вртоглавица. Особено е изразена кај нагло дигнување или наведнување.

Мозолчиња или акни

Дури и ако сте немале, можно е во раната бременост да ги имате поради влијанието на хормоните. Во повеќето случаи ситуацијата се смирува откако хормоните ќе се стабилизираат, но во меѓувреме внимавајте да не ги допирате или стискате мозолчињата, бидејќи така може да дојде до воспаление и појава на лузни.

Чувство на надуеност

Можно е да се чувствувате надуени или „полни“ во подрачјето на абдоменот – тоа чувство е слично на она што многу жени го имаат пред почетокот на менструацијата. Можно е, исто така, покрај тоа, и стомакот да ви биде малку надуен. Тоа се знаци дека се шири матката.

Промени во вкусот или желбата за храна

Промените во хормоните ќе се одразат и врз вашиот вкус и апетит. Може да забележите метален вкус во устата кој го менува вкусот на намирниците што вообичаено ги сакате. Некои жени не можат да консумираат одредени намирници во бременоста бидејќи едноставно веќе не им се вкусни. Некои студии укажале на фактот дека телото сака храна која содржи витамини или минерали кои му недостигаат. Па доколку имате желба за некоја намирница, слободно угодете си. Но, доколку имате зачестена желба за намирници со високо ниво на нездрави маснотии, многу шеќер или општо намирници кои не се богати со хранливи материи, пробајте да најдете замена. Ако имате чудни потреби како консумација на работи што не се храна (земја, глина, креда) – тогаш консултирајте се со лекар за да се провери нивото на железо и цинк во телото.

Промена на бојата на вагината

Иако се ретки жените што можат со сигурност да кажат каква боја има нивната вагина кога не се бремени, сепак поради зголемениот крвоток во матката во бременоста, бојата на вагината станува повеќе виолетова отколку што е вообичаено.

Промени на грлото на матката

Грлото на матката ќе стане виолетово и помеко на допир. Доколку ги следите висината и состојбата на грлото на матката преку својот менструален циклус, можно е да ги забележите тие промени.

Изразени емоции

Големите промени во хормоните и телото во бременоста може да значат дека различно реагирате на некои ситуации отколку кога не бевте бремени. Тоа е нормално и очекувано.

Изостанок на менструација

Еден од првите знаци за бременост. Но, кај некои жени се случува ова и ако се под голем стрес, ако патувале, ако се болни или имале хируршки зафат. Од друга страна, некои жени продолжуваат да крвават во време на вообичаениот циклус во првите два месеца од бременоста, а мал број продолжуваат и потоа. Од првиот ден на изостанување на менструацијата може да направите тест за бременост и да бидете релативно сигурни во резултатот, особено ако е проследен со други симптоми од наведените.

Имајте на ум дека ова е најчувствителниот период од бременоста, па многу е важно да избегнувате алкохол и дрога (вклучувајќи и лекови – консултирајте се со лекар), како и штетни работи од околината – пестициди, хемиски раствори и чад од цигари, бидејќи сето тоа може да има лоши последици врз развојот на детето.

Исто така, во овој многу чувствителен период од бременоста потребно е да се консумираат што поквалитетни намирници и да се внимава на внесот на хранливи материи.

Извор



912

X