Воспитување

Рана интервенција – зошто навремената поддршка е важна за детскиот развој?

„Ќе прозбори кога ќе дојде време.“
 „И неговиот татко бил ист таков како мал.“
„Да почекаме уште малку.“

Ова се реченици што многу родители ги кажуваат кога ќе забележат дека нивното дете не напредува како што очекувале. Желбата да веруваме дека сè ќе биде во ред е сосема природна. Но, кога станува збор за детскиот развој, понекогаш чекањето може да значи губење драгоцено време.

Како специјален едукатор, често се среќавам со родители кои велат: „Знаев дека нешто ме загрижува, но мислев дека е рано да побарам помош.“
Иако секое дете има свое темпо на развој, постојат ситуации кога е важно навреме да се побара стручна процена. Раното препознавање на развојните тешкотии и навремената поддршка можат значително да влијаат врз понатамошниот развој на детето.

Што претставува раната интервенција?

Раната интервенција претставува систем на стручна поддршка наменет за доенчиња и мали деца кои имаат развојни доцнења, ризик од развојни тешкотии или веќе утврдени развојни нарушувања. Поддршката не е насочена само кон детето, туку и кон семејството, кое има клучна улога во поттикнувањето на развојот.

Најголемата предност на раната интервенција е што се спроведува во период кога мозокот на детето е најподготвен за учење и промени, како и за стекнување нови вештини.

Интуицијата на родителот не треба да се игнорира

Родителите најдобро го познаваат своето дете. Тие први забележуваат кога нешто е поинакво – кога детето не реагира како порано, кога не покажува интерес за комуникација, кога говорот не се развива или кога има тешкотии во играта и социјалната интеракција.

Иако секое дете се развива со свое темпо, постојат развојни пресвртници кои ни помагаат да процениме дали развојот се одвива во очекуваните рамки. Доколку родителот чувствува дека нешто не е во ред, тој сигнал не треба да се занемари. Барањето стручно мислење не значи дека детето има проблем, туку дека преземаме одговорен чекор за да добиеме јасна слика и насоки за понатаму.

Зошто е важна навремената поддршка?

Во првите години од животот мозокот се развива со неверојатна брзина. Тоа е период кога детето најлесно учи нови вештини и се адаптира на нови искуства.

Колку порано се препознае потребата од поддршка, толку се поголеми можностите за напредок.
Придобивките од раната поддршка не се однесуваат само на една развојна област. Таа влијае врз целокупниот развој на детето – од неговата самодоверба и начинот на комуникација со другите до способноста за учење и самостојно функционирање во секојдневните активности.

Поддршка и за родителите

Кога детето се соочува со развојни предизвици, поддршка не му е потребна само нему, туку и на родителите.
Тие имаат многу прашања, дилеми и стравови. Што е нормално? Што да правиме дома? Дали постапуваме правилно?
Раната интервенција им помага да добијат насоки, да разберат како најдобро да му помогнат на своето дете и да не се чувствуваат сами во процесот.

Ако постои една порака што би сакала да ја запомни секој родител, тоа е следнава:

Кога станува збор за развојот на детето, никогаш не е прерано за консултација, особено кога постои каква било дилема или грижа.

Затоа, ако нешто ве загрижува, разговарајте со стручно лице. Понекогаш еден разговор носи мир. А понекогаш токму тој разговор е првиот чекор кон навремена поддршка што ќе направи голема разлика во животот на детето.


Автор: Симона Петрушева Саболиќ, специјален едукатор и рехабилитатор

Поврзани написи

To top