Пубертетот е период кога децата физички и емоционално се развиваат во млади мажи и жени. Обично почнува да се случува во адолесценцијата: просечната возраст за девојчињата е 10 години, додека за момчињата е 11 години. Меѓутоа, кај некои деца се јавува таканаречен предвремен (ран) пубертет.

Тоа значи дека знаците на пубертет почнуваат пред седмата година кај девојчињата и пред деветтата година кај момчињата. За некои деца симптомите може да бидат само непријатни, додека за други предвремениот пубертет е знак за одреден здравствен проблем.

Кои се знаците на предвремен пубертет?

Кај девојчињата, знаците на предвремен пубертет вклучуваат развој на градите пред седум или осум години, почеток на менструацијата пред 10-годишна возраст и брз раст. Кај момчињата, знаци на предвремен пубертет се зголемувањето на тестисите или пенисот и брзиот раст во височина (нагло растење). Кај девојчињата и момчињата некои од следните знаци може да укажуваат на ран пубертет:

-развој на срамни влакна
-појава на влакна под пазувите или лицето
-продлабочување на гласот
-појава на мозолчиња или акни
-зголемено потење.

Како влијае предвремениот пубертет врз децата?

Кога пубертетот завршува, растот во висина кај децата обично престанува. Бидејќи нивните коски созреваат и растот на коските престанува порано од вообичаеното, децата со предвремен пубертет кои не се третираат обично не го достигнуваат својот целосен потенцијал во висина. Раното поминување низ пубертетот, исто така, може да биде тешко за децата на емотивно и на социјално ниво, велат педијатрите.

Девојките може да бидат збунети и често да се срамат поради тоа што ќе добијат менструација или ќе им се зголемат градите многу пред нивните врснички. Дури и емоциите и однесувањето може да се променат кај децата со предвремен пубертет. Девојките можат да станат нерасположени и раздразливи, а момчињата поагресивни. Во малку поретки случаи тие исто така може да развијат сексуален нагон несоодветен за нивната возраст.

Што го предизвикува предвремениот пубертет?

Почетокот на пубертетот е активиран од хипоталамусот. Ова подрачје од мозокот ѝ сигнализира на хипофизата (жлезда со големина на грашок во близина на основата на мозокот) да ослободи хормони кои ги стимулираат јајчниците (кај девојчињата) или тестисите (кај момчињата) да создаваат полови хормони. Најчесто, особено кај девојчињата, се јавува предвремен пубертет бидејќи мозокот испраќа сигнали порано отколку што треба. Не постои друг основен медицински проблем или предизвикувач. Ова често може да се случи и во семејства кои се склони кон предвремен пубертет.

Во исклучителни случаи, предвремениот пубертет е резултат на посериозен здравствен проблем, како што е тумор или траума. Проблемите со тироидната жлезда или јајчниците, исто така, може да ја предизвикаат оваа појава. Во овие случаи обично има и други симптоми кои укажуваат на посериозен проблем. Педијатрите нагласуваат дека предвремениот пубертет поретко се јавува кај момчињата и е поверојатно да е поврзан со некој друг медицински проблем. Кај пет проценти од момчињата оваа состојба е наследна.

Треба да се побара лекар ако детето покажува какви било знаци на ран пубертет (пред седмата или осмата година за девојчињата или деветтата година за момчињата), вклучувајќи ги растот и развојот на градите, брзиот раст во висина, почетокот на менструација, појава на мозолчиња или акни, зголемување на тестисите, или пенисот, појавата на срамните влакна или влакна под пазувите.

Извор



912

X