Често слушам дека секоја нова генерација на ученици е послаба од претходните, помалку заинтересирана за учење и за училиштето воопшто. Децата, според мислењето на возрасните, се мрзливи и полни со бес, па се спротивставуваат на авторитет, лошо се однесуваат, немаат концентрација…

Повеќемина сметаат дека за тоа е виновна општата состојба во општеството, зафатеноста на родителите, технологијата, но мислам дека на еден аспект од тој проблем се обрнува малку внимание. Имав можност да го следам животот и работата на еден ученик од осмо одделение и сакам да го споделам тоа искуство. Се работи за ученик кој од училиштето е оддалечен 15 минути пеш, кој нема егзистенцијални проблеми и проблеми со учењето. Тоа значи дека се остварени услови за нормално образование. Сега ве молам сите за момент да се ставиме во позиција на 13-годишно дете во нашиот образовен систем. Замислете дека сте дете!

Училиштето почнува во 7 часот, но стануваш во 6 часот бидејќи на 13 години многу е важно како изгледаш. Иако спиеш осум часа, поспаноста ти ја спречува концентрацијата во текот на првиот час. Со неа се бориш и на одморот, кој трае 5 минути додека се обидуваш брзо и тивко да стигнеш од едното крило на училиштето до приземјето. Влечеш тешка чанта и се обидуваш никого да не удриш со неа. Влегуваш во следниот кабинет и седнуваш на местото што ти е одредено. Додека ги подготвуваш работите – влегува наставникот и почнува часот.

Не успеваш ниту да земеш здив, а веќе се наоѓаш во светот на странскиот јазик кој нема никаква врска со материјалот изучуван од 7 часот. Ги сакаш јазиците и лекцијата ти е интересна, но стомакот ти сигнализира дека е време за појадок. На голем одмор мораш брзо да ги однесеш работите во следниот кабинет и да трчаш до училишната кујна или до пекарниците во соседството. На двете места можеш да најдеш само печива, а ако понесеш нешто од дома – нема да успееш тоа полека да го изедеш. Веќе ѕвони за почеток на часот.

Се селиш во светот на математиката и се бориш со тешки задачи. За среќа – ги разбираш, но и наставничката е подготвена да ти појасни ако нешто те збунува. Сепак, излегуваш од таа борба многу уморен бидејќи планот на работа ве тера да работите забрзано. На четвртиот и петтиот час вниманието опаѓа, но се тераш себеси да ги следиш предавањата. Колку повеќе ќе совладаш на часот – помалку работа ќе имаш дома.

Ти треба одмор, но на шестиот час мораш да одговараш. Брзо изедуваш чоколада и се бориш со тремата. Не е заради лекциите, туку што треба да се стане и да се зборува пред цел клас. Некако го криеш стравот, ставаш маска и самоуверено одговараш на прашањата. Те радува одличната оценка, но тоа чувство за успех бледи кога ја ставаш тешката чанта на грб и тргнуваш дома. Размислуваш за обврските што те чекаат дома.

Се одмараш и додека го јадеш омиленото јадење, им раскажуваш на родителите што се случувало на училиште. Веќе е 13 часот и почнува твојата втора смена.

Распоредуваш шест тетратки и книги пред себе и ја пишуваш домашната работа. Имаш среќа бидејќи нема многу – три задачи по математика, две од јазик, подготовка за писмена работа, четири прашања по географија и цртеж од техничко образование – но тоа го правиш два часа.

Правиш пауза за ручек, па продолжуваш. Учиш нови лекции и повторуваш за утре. Утре е и тестот по физика, а не разбираш одредени задачи, па бараш помош од родителите. Тие го земаат учебникот и се шокирани. Тоа што ти сега го учиш, тие го учеле во средно училиште и никако не им е јасно од каде тој обемен материјал во основно училиште. Можеби би требало малку почесто да ги прегледуваат твоите книги, па ќе им бидат појасни твоите промени од смеа до потиштеност што толку често се јавуваат. Не се тоа само хормоните.

Дури во 18 часот оставаш сè бидејќи не можеш повеќе. Треба и да читаш лектира, но доста ти е од сите видови книги. Го земаш мобилниот и бегаш во виртуелниот свет… И така 175 дена во годината.

Ова е само еден обичен ден во кој немало никакви судири и проблеми, кои се чести. Во овој ден нема воннаставни активности кои би го направиле уште подолг. Каков ли е, пак, денот на детето кое патува до училиштето или на она што има проблеми?

И каде се тука одморот, дружењето и забавата? Каде е среќното детство? Зошто 13-годишно дете има подолг работен ден од возрасните? Зошто децата не ни се насмеани?
Крајно време е да почнеме со некој вид професионално насочување и изборни предмети. Децата ни се огорчени и немоќни. Постојано испраќаат повици за помош, но малкумина ги слушаат. Во какви луѓе ќе израснат овие наши деца?

Автор: Едина Меѓиќ



912

X