Без оглед на тоа колку родителите нè сакаат, тие се само луѓе и прават грешки, како и сите други. Кога растеме и имаме свои деца, на нас останува да одлучиме какви родители ќе бидеме. Се сеќаваме на најдобрите работи што ни ги дадоа нашите родители и се обидуваме уште повеќе да им дадеме на нашите деца. Се сеќаваме и на траумите од детството, работи поради кои се чувствувавме вознемирено и се трудиме да ги избегнеме во односот со нашите деца.

Ова се 9 работи што успешните родители не ги прават, а тоа го научиле од грешките на нивните мајки и татковци.

Исмејување на интересите и хобијата на детето – Ова е она што родителите често го прават, сакајќи да го стават детето во свој „калап“ или уште полошо, преку детето да ги реализираат своите амбиции. Важно е родителот да го поддржи детето и да го охрабри во она што сака да го прави, а е извор на негово задоволство. Многу родители што како мали биле исмејувани поради своето креативно изразување, и како возрасни се плашат да ги покажат талентите од страв од осуда.

Ако детето му каже нешто на родителот во доверба, родителот не треба да го користи како тема на разговор со другите – Довербата е клучна за секоја врска и кога станува збор за врската родител-дете, таа никогаш не може да биде еднострана. Родителите имаат очекувања од своите деца, но исто е и со нивните деца – и кај нив довербата е таа што прави разлика и гради добра врска.

Овозможете му на детето да ги следи своите соништа – Ако не за нешто друго, туку за фактот дека нема да бидете криви за евентуалните погрешни одлуки и незадоволства во иднина.

Држење предавања – Родителите, особено мајките, се склони со часови да држат предавања, дури и за најмала ситница и проблем во однесувањето. Многу пати овие предавања се вртат околу нередот во домот. Кога треба со детето да водите строга или сериозна дискусија, треба да го искажете и вие вашето мислење, но и детето треба да го каже своето за помалку од пет минути. Детето престанува да ве слуша по првите две реченици. Затоа бидете одлучни, кратки и концизни.

Ако сте многу лути, па реагирате со викање и бесни испади, извинете се – Да, родителот смее да каже „извини“ ако претерал; нема потреба од демонстрирање моќ. Тоа на детето ќе му значи многу повеќе од што било друго.

Повторно уредување на работите што ги направиле – На пример, детето го средува креветот, а вие го поправете. Тоа ги излудува и им испраќа порака – зошто воопшто да се труди кога никогаш не е добро?

Приврзаност и искажување емоции – Секој родител го сака своето дете, но некои се емотивно ладни. Читајте им, прегрнете ги, славете ги нивните достигнувања и споделувајте ги со нив вашите мисли и чувства – никогаш не се премногу мали за тоа.

Не расправајте се пред нив – „Моите родители многу се расправаа за мене и за некои методи на родителството. Го мразев тоа додека растев. Се сеќавам еднаш, имав околу 8 години и бев во автомобил со родителите. Тие гласно се расправаа. Застанавме на црвено светло, јас го извадив безбедносниот појас, излегов од автомобилот и почнав да трчам“ – раскажува еден татко на кого главното правило во одгледувањето на децата е никогаш да не се расправа со сопругата пред нив, особено да не си противречат за работи поврзани со нивното воспитување.

Избегнувајте ја реченицата: „Затоа што јас така реков“ – Објаснете зошто барате нешто  од вашето дете; поголема е веројатноста да го направи тоа доброволно отколку да демонстрирате моќ и авторитет. Со самото тоа што сте родител, не сте „диктатор“, туку личност која мора да го научи детето на правилна комуникација меѓу луѓето и меѓусебно почитување.

Автор: Д.П
Извор



912

X