Распустот заврши и децата се вратија во училишните клупи. Додека некои не можеа да дочекаат, имаше и такви што повеќе би сакале да го продолжат одморот. Но, без разлика дали вашето дете спаѓа во првата или во друга група, тоа секако треба да се чувствува енергично, самоуверено и безбедно на училиште.

Како да ги подготвите?

Ова се неколку работи што децата треба да ги знаат:

  • Вашата љубов е безусловна и нема апсолутно никаква врска со петки или двојки;
  • Успехот на детето е во негови раце;
  • Училиштето е место каде што учи нови работи, но и стекнува нови пријатели;
  • Секогаш може да ви се обрати ако има проблем;

Што треба децата да слушнат од вас?

  1. Не мора да бидеш најдобар во сѐ, доволно е да го дадеш најдоброто од себе

Децата не се совршени. И многу е веројатно дека и вашето дете наидува на предмети или лекции на училиште кои едноставно не му се толку лесни. Во тие моменти ќе им биде многу полесно ако му дадете до знаење дека не очекувате да добие совршени оценки по секој предмет, туку дека вложило труд. Тој труд и работа се поважни од резултатот. Не споредувајте го со другите деца и не дозволувајте самите да се споредуваат.

  1. Патот до целта е поважен од самата цел

Има деца кои пред тестот ќе бидат под голем стрес и во страв дали ќе успеат да ја остварат целта. Не дозволувајте да размислуваат толку многу за иднината што ќе заборават да уживаат во сегашноста. Тоа лесно може да им стане навика.

  1. Однесувај се со другите како што би сакал да се однесуваат тие со тебе

За некои деца, а особено за оние што се единци, понекогаш може да биде вистински предизвик да се сподели вниманието на наставникот со 30 други пријатели. Затоа е важно да ги научите децата да ги гледаат работите од гледна точка на другите и да запомнат да не им го прават на другите она што не би сакале некој да им го прави ним.

  1. Не дозволувај постапките на твоите врсници да влијаат врз тоа како се гледаш себеси

Речиси и нема дете кое не слушнало негативни коментари за себе, без разлика дали некој директно му ги кажал или зборувал со други за него. Затоа е важно уште од мали да ги научиме децата дека навредите и озборувањата кажуваат многу повеќе за оние што го прават тоа, а воопшто не за оние што се предмет на озборување.

  1. Секоја грешка е можност за учење

Децата ќе заборават на работите, ќе бидат нерасположени или погрешно ќе го проценат своето знаење, па неспремни ќе одат на училиште. А сите овие грешки се карактеристични и за возрасните. Важно е само да им покажете на децата, и со пример и со разговор, дека овие грешки се всушност можност да дознаат што се случува кога ќе ги направиме, но и како подоцна да се „ослободиме“ од нив.

  1. Те сакам и те поддржувам

Децата треба да знаат дека нема да ги осудувате доколку направат грешка. И дека ќе им бидете поддршка и ќе верувате во нив ако им треба. Ова не треба да се меша со безусловна поддршка и оправдување на лошите постапки. Поддршката на детето и поддршката на лошото однесување се две различни работи.

  1. Магијата се случува кога ќе излезеш од твојата удобна зона

Големите работи во животот ретко се случуваат додека сме во зоната на удобност и додека се држиме до навиките и рутините. Затоа е важно вашите деца да не се плашат да пробаат нешто ново и да излезат од својата рутина. Помогнете им со тоа што самите ќе бидете подготвени да ризикувате за поголема цел.

  1. Едвај чекам да си дојдеш дома и да слушнам како ти поминал денот

Ако вашето дете штотуку почнува на училиште и му е тешко да се одвои од вас, оваа фраза е многу корисна. Го оставате вашето дете да верува дека ќе мислите на него исто како што тоа мисли на вас и дека ќе бидете исто толку желни да го видите повторно. Тоа ќе му го намали стресот доста.

  1. Не плаши се да бидеш тоа што си затоа што си прекрасна личност

Самодоверба. Ова звучи како клише, но ретко ќе слушнете дека родителите ги кажуваат овие зборови. Ако вие самите навистина верувате во нив, детето ќе го почувствува тоа. И ќе добие крилја. Зашто, додека се мали, вашето мислење за нив е целиот нивен свет.

Извор



912

X