Како мајка на две деца, знам дека не сум единствената што честопати посетува домашни и странски веб-страници за родители, со задоволство слушам и читам совети од наставници и психолози, и учам многу за воспитувањето и одгледувањето, за да разберам некои ситуации и однесувања на моите деца и да бидам подготвена да им одговорам на вистински начин.

Сепак, ниту советите се универзални ниту секој треба и може да го примени сето она што го чита. Размислувајќи за тоа што можам да направам поинаку, направив список со новогодишни одлуки за 2020 година и тоа сакам како родител да го променам.

Навистина ќе се потрудам да биде така.

Повеќе ќе бидам офлајн.

Ќе ги оставам телефонот и лаптопот, ќе го исклучам телевизорот, најмалку два часа, од моментот кога сите ќе се собереме по градинка и работа. Ќе разговараме, ќе приготвуваме вечера, ќе ја поставиме масата, ќе ги собереме чиниите… сето тоа ќе го направиме заедно! Во овие шест години сфатив дека времето никогаш не поминува толку брзо колку кога имате мали деца. А тие растат толку брзо што секој момент поминат со нив е скапоцен.

Мајка и сопруга.

Си ветувам себеси дека нема цела моја енергија да ја насочувам на тоа да бидам добра мајка, туку и на тоа да го негувам и зачувам мојот брак. Така и на децата ќе им дадам пример за здрав партнерски однос исполнет со љубов и почит и ќе им помогнам да се чувствуваат сигурно, самоуверено и сакано.

Повеќе ќе слушам, помалку ќе зборувам.

Што мислиш ти? Како се чувствуваш? Кажи ми. Што мислиш дека треба да направиме?“ Ова се прашања што ќе се трудам почесто да им ги поставувам на моите деца наместо да им држам лекции.

Ќе ја игнорирам правосмукалката.

Помалку време ќе трошам на чистење, а повеќе на игра. Децата нема да помнат дали куќата била совршено чиста, но ќе помнат како заедно се забавувавме и уживавме. Ќе им читам приказна СЕКОЈА вечер. Без разлика колку години има вашето дете, издвојте време да му прочитате приказна, да поразговарате навечер. Тоа што сте тука на крајот од секој ден, без оглед на сè, тоа е нивното безбедно место, чувството дека сè е во ред и дека секогаш ќе имаат половина час со вас кога можат да ви раскажат сè што им лежи на срцето, а што не успеале да ви го кажат во текот на денот. Сите знаеме колку е лесно да се прескокне оваа рутина, секогаш во трка со обврските и времето, но јас одлучив дека секоја вечер ќе си обезбедам една тура галење пред спиење со моите деца. А валканите чинии нека почекаат. Ако треба и до утре.

Ќе ги поделам задачите.

Милион пати ми е полесно сама да ги наместам креветите отколку да ги молам децата да го направат тоа. Доделувањето задачи и потсетувањето на децата што е нивна обврска во домот доаѓа како уште една работа. И тоа не баш мала. Но, ќе се обидам да бидам упорна бидејќи верувам дека е прашање на време кога она што го добиле како задача ќе им стане навика.

Помалку ќе викам.

Кога децата ќе ги истрошат сите резерви од моите нерви, ќе го избегнам стресот. Ќе се обидам да се смирам пред да реагирам за да можам да реагирам со помалку бес, а со повеќе разум.

Ќе поминуваме повеќе време заедно како семејство.

Почесто ќе вечераме заедно (со исклучен телевизор). А потоа заедно ќе шетаме. Или заедно ќе гледаме цртани филмови. Или заедно ќе одиме во музеј. Ќе се обидам да организирам барем една заедничка вечер секоја недела. Еден ден тоа може да биде традиција на која со задоволство ќе се сеќавам.

Искрено ќе се насмеам кога ќе ги видам моите деца.

Дали вашето лице осветлува и се насмевнува кога вашето дете ќе влезе во собата? Кога од работа си одите дома и го гледате вашето дете или кога ќе одите во градинка да го земете, дали на лицето ви се гледа колку ви недостигало и колку сте среќни што го гледате? Не пропуштајте да им го покажете тоа.

Автор: Александра Цвјетиќ



912

X