Петтата година е голема пресвртница. Детето веќе не е мало и оваа транзиција дава можност за поголема независност и одговорност. Тоа е совршено време да го научите вашето дете на некои основни, но важни информации.

Децата под пет години можат да ги следат упатствата кога се во опасност, а по петгодишна возраст почнуваат да ги разбираат причините зошто постојат безбедносни правила. Тоа значи дека можат да ги разберат и последиците од пркосењето на правилата. Според педијатарот Кристина Џонс, ова се пет клучни работи што треба да ги знае секое петгодишно дете.

Основни лични информации

Петгодишно дете треба да ги знае имињата и презимињата на своите родители, како и адресата и местото или градот во кој живее. Телефонскиот број на еден од родителите исто така спаѓа во категоријата лични податоци. Користењето мелодија што децата веќе ја знаат може да ви помогне да го научите вашето дете на важни детали, како и начинот како да ги запомни.

Што да направи ако се изгуби

Ако детето се изгуби, треба да најде возрасни луѓе со деца и да побара помош од нив, тврди д-р Џонс. Или научете го да бара униформирана личност – полицаец, чувар или вработен во продавница.

Да не се отвора вратата без присуство на возрасен

Петгодишниците ќе се возбудат кога ќе го слушнат ѕвончето, но треба да им се објасни дека вратата можат да ја отворат само ако има возрасен со нив бидејќи личноста пред вратата може да биде непозната, а тие не можат да знаат дали е доверлива.

Вршење едноставни работи

Кога децата ќе наполнат пет години, може да забележите дека ви нудат помош за одредени работи што ги правите. Одлично е да ги вклучите децата во домашните работи и да им дозволите да се чувствуваат горди кога ќе завршат некоја задача. Притоа, важно е да го научите детето да ги знае границите. На пример, во ред е да се постави масата, но ракувањето со ножевите нека им се остави на возрасните.

Повикување брза помош

Децата на возраст од пет години треба да можат да повикаат брза помош. Затоа е важно да го знаат кодот за отклучување на вашиот мобилен телефон и како да се јават и да побараат помош. Исто така, важно е да разговарате со вашето дете кога повикувањето помош е оправдано.

Извор



912

X