Родителите на едно дете знаат дека немате лоша намера и не сакате да навредувате, но постојат одредени изјави кои не треба да им ги кажувате на родители со едно дете. Едноставно, немојте.

Кога сте единец или имате едно дете, сигурно постојано слушате за негативните страни на растењето сам. Иако постојат многу истражувања кои покажуваат дека децата-единци се еднакво среќни, здрави и добро приспособени деца како и нивните врсници со браќа и сестри, и понатаму преовладуваат старите стереотипи.

Со оглед на тоа дека семејствата со едно дете се сè повеќе на број, време е сите да го прифатат она што родителите на децата-единци веќе го знаат: децата-единци можеби растат поинаку, но и тие се одлични и добри деца. Затоа, воздржете се од коментари како овие:

Сигурно е осамено

Прво, постои разлика помеѓу осаменост и самотија. Всушност, децата-единци имаат помала веројатност да се чувствуваат осамени затоа што имаат повеќе искуство да бидат сами. Ним им е удобно во сопственото друштво и често имаат многу богат внатрешен живот. Покрај тоа, родителите им овозможуваат да си играат со други деца. Значи, ако навистина сте загрижени за дете-единец кое живее во вашата улица, поканете го да игра со вашите деца.

Нема да има помош да се грижи за вас кога ќе остарите

Иако тоа технички може да е точно, не постои гаранција дека децата во поголемото семејство ќе ја делат грижата за своите родители. Сите сме слушнале за семејства каде што еден брат или сестра станува старател на родителите, без разлика дали тоа му се допаѓа или не. Ова е ситуација која едноставно не е можно да се предвиди, па затоа нема корист ако на родителите на дете-единец им наметнувате чувство на вина.

Сигурно е лесно со само едно дете

Родителите на деца-единци не мора да бидат судии во расправиите меѓу браќата и сестрите, да пополнуваат школски формулари во три примероци или да поминат речиси една деценија менувајќи пелени. Но, многу родители на деца-единци се одлучиле за помало семејство бидејќи знаеле дека ќе имаат проблеми со менаџирањето со поголемо семејство. Затоа, кога другите родители ќе почнат да се жалат на стресот поради тоа што имаат повеќе деца, можеби треба да се потсетат дека тие избрале да имаат поголемо семејство.

Не си вистински родител додека не добиеш повеќе од едно дете

Тешко е да се измери штетното влијание на оваа изјава. Зад тврдењето дека некој не е вистински родител додека не роди повеќе од едно дете стои ставот дека мајките на дете-единец се некаде помеѓу мајки и тетки во спектарот на предизвици и посветеност.

Родителите на децата-единци ги чувствуваат истите стравови, грижи и љубов што ги чувствуваат и другите родители.

Не сакате да биде разгалено, нели?

Стереотипот за разгалени единци е толку длабоко вкоренет во општеството што повеќето родители се фокусирани токму на тоа – да не го разгалат своето дете. И покрај тоа, се подразбира дека детето-единец ќе добие повеќе фокусирано внимание од родителите. Истражувањата покажуваат дека ова е позитивно во однос на самодовербата, достигнувањата, па дури и интелигенцијата.

Себични сте што немате уште едно дете

Некои луѓе едноставно не сакаат да ризикуваат медицински компликации или да наидат на финансиски проблеми со тоа што ќе имаат уште едно дете во доцните триесетти. Понекогаш треба да оцениме дали сме подготвени (и доволно млади) да бидеме во чекор со малите деца. Тоа е одговорност кон детето кое веќе го имате.

Не изгледа како дете-единец

Сите деца имаат себични и безобразни моменти, но ваквите етикети им се „лепат“ многу побрзо на деца-единци отколку на децата од поголемите семејства. Детето-единец кое навистина има емпатија и социјални вештини често се гледа како еднорог во нашето општество. Реалноста е дека сите деца се во процес на стекнување на овие вештини и треба да им се дозволи да прават некои грешки додека растат.

Што ако вашето дете нема деца, а вие никогаш не станете баба/дедо?

Да, веројатно е разоачрувачки, но да имаш повеќе од едно дете за да станеш баба или дедо еден ден не изгледа баш најпаметниот животен избор. Треба да сакаме нашите деца да растат така што ќе бидат задоволни со својот избор, а не да се под притисок да ни угодат нам и да станат родители за ние да бидеме баби и дедовци.

Потребен му е брат или сестра

Едно е да сакаш дете, а сосема друго е да се предадеш на секој негов каприц и желба, а тоа вклучува создавање друго човечко суштество со кое ќе си игра. Прекрасно е кога браќата и сестрите имаат силна и длабока врска, но навистина нема гаранција дека браќата и сестрите ќе бидат пријатели, нели?

Извор



912

X