Родителството е искуство преполно со изненадувања. Понекогаш тие изненадувања се пријатни, како оној момент кога вашето дете првпат ќе го каже зборот „мама“, а понекогаш се исто толку непријатни. На пример, моментот кога детето ќе го испушти вашиот венчален прстен во веце-школката и весело ќе пушти вода.

Постојат безброј ситуации со кои ќе се соочите, но и ситуации од кои многу ќе научите. Особено ако сте родител првпат. Сепак, постојат многу работи на кои може да ве научи доаѓањето на второто дете. Ова се некои од нив:

1. Првиот пат сте претерувале

Првенствено со купувањето непотребна облека која изгледа преслатко, но е неверојатно тешко да му ја облечете на новороденчето. Не била подобра ситуацијата ниту со купувањето додатоци, како и преценетата постелнина или играчки кои малите деца воопшто не ги доживуваат. Овој пат ќе постапите попаметно.

2. Сепак, не сте толку искусни како што си мислевте

Дури кога ќе стигне второто дете, ќе сфатите дека многу работи сте ги заборавиле за доенчињата и дека мора да учите одново. Ќе се изненадите колку работи и понатаму не знаете, па дури и заспивањето на толку малечко бебе може да ве плаши.

3. Но, во други ситуации ќе „пливате како риба во вода“

Иако ќе се чувствувате како родител-почетник и ќе бидете уверени дека сѐ сте заборавиле, многу брзо ќе сфатите дека родителството е како возење велосипед и на сѐ ќе се сетите.

4. Ќе сфатите дека вашето прво дете пораснало

До неодамна вашето прво дете веројатно ви изгледало многу малечко и кревко. Речиси исто како новороденче. Дури кога ќе го родите второто дете, вашето првородено ќе ви се чини дека е возрасно. Овие сознанија често ги шокираат родителите.

5. Веќе не сте толку параноични

Се сеќавате како скокнувавте ако поминеше една секунда во тишина, па панично проверувавте дали вашето дете е добро? Или како 15 пати во еден час одевте да проверите дали бебето дише додека спие? Овој пат ќе бидете свесни дека не мора толку да паничите и ќе бидете многу поопуштени.

6. Ќе ве радува користењето на облеката од првото дете

Не само што ќе имате чувство дека штедите, туку и ќе бидете маѓепсани од сознанието дека некогаш вашето прво дете било толку малечко и ја носело истата облека.

7. Често ќе се чувствувате виновни

За жал, ќе има моменти кога двете деца ќе плачат истовремено, а вие ќе можете да му посветите внимание само на едното. Тоа е рецепт за чувство на вина. Некогаш ќе помислите и дека го занемарувате постарото дете, но и дека помладото никогаш нема да го има целото ваше внимание, како што го имало првото. Но не чувствувајте се виновни. Сите родители ги имаат тие мисли.

8. Не постои ништо поубаво од тоа кога децата спијат во исто време

Ќе сфатите колку се тоа ретки, но скапоцени моменти.

9. Ок, можеби е уште подобро да ги гледате вашите деца како се сакаат

Кога ќе ги видите дека разменуваат нежности и ќе сфатите колкава е нивната љубов (и покрај повремените удирања и туркања), ќе разберете дека не постои ништо поубаво на светот.

10. Чувството на љубов ќе се зголеми

Иако можеби во текот на бременоста ќе се соочите со стравот дека второто дете можеби нема да го сакате како првото, ќе сфатите многу брзо дека тоа е апсолутна невистина.

11. Секое дете е различно

Ова е најверојатно најважната лекција што ќе ја научите благодарение на второто дете. Неверојатно е како две деца, воспитувани во едно семејство, за кои се грижат истите родители, може да бидат толку неверојатно различни.



912

X