Рубриката „Прашај психолог“ овозможува стручна поддршка од психолози и психотерапевти на родителите при справување и решавање одредени актуелни прашања од психолошка природа на нивните деца и е резултат на соработка помеѓу Деца.мк и „Психотерапика“ – здружение за психологија и психотерапија. Прашањата до психолозите и психотерапевтите може да ги испраќате на е-пошта: prasajpsiholog@deca.mk. Ве молиме прашањата пишувајте ги на кирилица. Нашето мото е: Кој прашува, дејствува! Кој си молчи, претпоставува!

ПРАШАЊЕ: Имам ќерка на возраст од една година и осум месеци. И јас и сопругот работиме. Кога сме отсутни, ја чува свекрва ми, која не работи. Таква ми е работата што почесто одам втора смена отколку прва. Многу ми недостига времето поминато со ќерка ми. По цели денови е со баба ѝ, која добро се грижи за неа. Размислував да дадам отказ, меѓутоа, невозможно е да опстанеме само со една плата. Кога си доаѓам дома, таа е лута и не сака да дојде да се гушнеме, негодува, се трга од мене и повторно се враќа кај баба ѝ. Тажна сум и немоќна.

ОДГОВОР: Сепарацијата од детето е потешка за родителот отколку за самото дете. Така она низ што вие поминувате периодов е континуиран интимен процес на родителско обвинување според кое вие не сте доволно добра и доволно присутна мајка за своето дете. Значи вие проценувате дека времето што го поминувате со вашето дете не е доволно за да ги задоволи вашите стандарди за „добра“ мајка. Тоа е таа лична тортура која секој од нас, родителите, особено мајките ја поминуваме, креирана многу години наназад во постојан обид да се критикуваат улогите што ги вршиме, вклучително и улогата на мајка, која знае често да биде многу идеализирана, безгрешна и непоправлива.

Така и вие се обидувате да се поправите, да смислите нешто со кое ќе се „подобрите“ како мајка. Да измислите решение кое ќе го отстрани целиот тој товар на себеобвинувањето, по цена на целосно откажување и целосна жртва.
Дали навистина вашето дете цело време поминува со баба? Дали навистина вашето дете цело време се лути и ве обвинува кога се обединувате повторно? Или така вам ви изгледа, кога гледате во нејзиното незадоволство и револт, како и незадоволството на блиската и значајна околина (семејство, партнер, пријатели, околина), и наместо да најдете начин адекватно и значајно да се асертирате себеси како мајка, вие се занимавате со себеобвинувања, кои се вашата интерпретација на целото тоа незадоволство/критика со која сте се соочувале и сè уште се соочувате.

Неколку пати се обидувам да го поставам ова прашање, ќе ви го поставам и вам: Каква мајка сакате да бидете за вашето дете? Бидејќи она што во моментот го носите како ваша вредност е лесната разочараност и недоволност да бидете присутна мајка за неа. Присутна кога таа е лута на вас, присутна кога вие не сте на работа и кога сте со неа… Зошто ви е тешко да градите сопствени значења и вредности во улогата што ја имате наместо да замислувате вредности кои ви се невозможни и недостижни? Зошто ви е многу полесно да гледате во она што го губите или што ви недостига наместо во она што ве прави вредна и значајна? Начинот на кој ја гледаме сопствената вредност или значење во светот кој нè опкружува можеби е условен и научен од претходните искуства, но силно е поврзан и со нашите свесни одлуки и избори, нашите улоги и одговорности во однос на она што е и што треба да биде.

Знам, многу е тешко да се чувствуваме значајни и важни и сигурни во улогите покрај традиционални вредности на растење и воспитување, според кои како мајки често сме осудувани дури и од нашите најблиски, за како „треба“ една мајка да е присутна за своето дете, а не како една мајка сака и одлучува да го развива своето мајчинство. Тоа е таа постојана борба на броење на поминатото време, а не на квалитетот на тоа поминато време, притоа заборавајќи дека секој од нас и лично и генерациски расте и се развива во различни општествени услови, кои силно ја редефинираат и улогата и присутноста на мајката во животот на детето.. Така, според оваа ирационалност, мајката која е насочена единствено кон своето семејство и се грижи за своите деца е најдобрата и најидеалната, додека онаа што одлучила да се посвети на заработката, на кариерата и која не поминува целосно време на својот дом и семејство е онаа што е неприсутна и помалку вредна. Згора на тоа, треба да се чувствува и виновна поради сите овие промени што треба да ги направи. Така, револтот на вашата ќерка, имајќи го целиот овој притисок на своја сметка, ќе изгледа како огромна критика на вас, а не природна реакција на отсутност со која може да се справите и да ја смирите. Така вие наместо да најдете начин да ѝ го воспоставите повторно комфорот на родителот кој му се враќа на своето дете, се занимавате со уште подлабока критика на себеси и себеобвинување.

И тука во тој процес вие не сте присутни со вашето дете…

Кога родителот се себеобвинува и себекритикува, се оддалечува од своето дете, го напушта, го остава само да се справи со емоционалните реакции, додека тој се занимава со сопствените процеси.

Така вие наместо да гледате дека „таа се враќа кај баба ѝ затоа што не ме сака мене“, треба да се утешите дека „се враќа кај баба ѝ затоа што таа цел ден ја чувала и најмногу е навикната на неа“, и тоа воопшто не ве исклучува вас и не значи дека е непроменливо. Што ќе направите следно за да ја обезбедите вашата присутност и сигурност во односот е многу значајно за вашиот однос до крајот на денот и до крајот на животот.
Вие можете да преговарате за поинакво работно време или услови со постојното работно место, доколку сметате дека е возможно, можете да барате посоодветни работни услови да бидете повеќе со вашето дете. Сето ова се легитимни барања, и тие не ве прават помалку вредна работничка или мајка, ве прават адекватна на вашите потреби. За жал, вината што ја култивирате во вас е онаа што ве замрзнува, со која вие сте спречени да дејствувате, за да „не направите нова грешка“. Затоа проверете со себе, што е она што е покомотно за вас. Искрено, мене да ме остават цел ден со моите деца, не би издржала во таа улога повеќе од една недела.. Не сме сите скроени да ја бркаме неоснованата идеализација на нашите мајки, или нашето општество. Едноставно треба да ја истражиме нашата вистина.

Можеби вие сакате да ја напуштите работата од друга причина, па си барате изговори во однесувањето на вашето дете? Значи сето тоа е можно, но за жал јас имам многу малку информации за да дадам понасочен одговор. Се надевам дека успеав да ви донесам една ваша дилема на површина во свесност за полесно да ја видите. Да знаете дека ова не е само ваше доживување, туку доживување на многу мајки, особено оние што првпат се наоѓаат во таа улога, па ви благодарам што го отворате ова прашање за да си дадете дозвола да бидете повеќе своја отколку очекувана.

Ви посакувам да гледате во она што го креирате со вашето дете додека сте присутна, а не додека сте отсутна. Единствената мајка сте вие, не сите генерации на мајки што претходно биле и не сите мајки околу вас. Како вие ќе се доживувате себеси, така и вашето дете ќе ве доживува. А подоцна, така ќе се доживува и себеси…
Вашиот однос само што започнал да се развива, дајте му простор, воздух и топлина за да се разлистува низ многуте предизвици што ги носи мајчинството.

Одговара: Радмила Живановиќ, лиценциран психолог-психотерапевт во „Психотерапика“
е-пошта: psihoterapika@gmail.com / radmila.zivanovic@gmail.com

Психолозите и психотерапевтите ги одговараат прашањата според редоследот на нивното испраќање, а одговорите ќе се објавуваат на Деца.мк. Одговорите имаат психоедукативна функција и ги насочуваат родителите кон посеопфатни насоки на решавање на состојбата што ги мачи. Се разбира, покомплексните прашања подразбираат покомплексен пристап.



912

X