Пушењето во текот на бременоста има многу штетни ефекти врз здравјето на бебето, а Светската здравствена организација (СЗО) предупредува дека оваа лоша навика (или само изложеноста на чад од тутун за време на бременоста) го зголемува ризикот од раѓање мртво дете за 23 проценти, ризикот од вродени деформации за 13 отсто, а го зголемува и ризикот од спонтани абортуси, респираторни проблеми и ненадејна смрт на бебето.

Исто така, постои силна врска помеѓу пушењето во бременоста и предвременото породување. Научниците од Универзитетот „Кембриџ“ откриле дека жените што користеле тутун за време на бременоста имале 2,6 пати поголем ризик од предвремено породување во споредба со трудниците што не пушеле.

„Долго време знаеме дека пушењето во текот на бременоста не е добро за бебето, но нашата студија покажува дека тоа е потенцијално многу поопасно отколку што се мислеше“, вели Гордон Смит, директор на Одделот за акушерство и гинекологија на „Кембриџ“.

Двојно се зголемуваат шансите за предвремено раѓање и мала телесна тежина на бебето при раѓање

Студија објавена во „Интернационален журнал за епидемиологија“, исто така, покажала дека пушењето за време на бременоста го зголемува ризикот од мала маса на бебето при раѓање за дури четири пати, а со тоа го зголемува и ризикот од потенцијално опасни компликации, како што се проблеми со дишењето и инфекции.

За да ја спроведат студијата, научниците анализирале 4.200 жени кои биле примени во болница во периодот од 2008 до 2012 година, а вкупно 914 од нив биле вклучени во анализата за пушењето. Од нив, 78,6 отсто од жените изјавиле дека не биле изложени на чад од тутун за време на бременоста, 11,7 отсто биле повремено изложени на чад, а 9,7 отсто од трудниците биле постојано изложени на чад од тутун.

Во споредба со жените што не биле изложени на цигари за време на бременоста, оние со постојана изложеност имале 2,6 пати зголемен ризик од предвремено породување и 4,1 пати зголемен ризик од раѓање бебе со мала породилна маса.

Новороденчињата чии мајки пушеле за време на бременоста биле во просек 387 грама полесни од бебињата чии мајки не пушеле, што е повеќе од 10 отсто од тежината на просечното новороденче. Ова го зголемува ризикот бебето да има мала тежина при раѓање (2,5 килограми или помалку), што е поврзано со поголем ризик од развојни и здравствени проблеми подоцна во животот.

Експертите, земајќи ги предвид овие сознанија, апелираат до сите трудници и жени што планираат да забременат да престанат да пушат, барем за време на бременоста, а идеално би било и ако засекогаш се одвикнат.

Извор



912

X