Псоријазата е хронична, воспалителна болест која главно ја зафаќа кожата, а е посредувана од дејството на имунолошкиот систем. Зачестеноста на оваа состојба е значително зголемена со текот на времето и моментално зафаќа приближно 1% од децата.

Псоријазата е втората најчеста болест кај децата по атопичниот дерматитис, а егзецербациите се јавуваат почесто во есен и во зима.

Псоријазата може да се појави на која било возраст, вклучително и во детството и адолесценцијата, со поголема фреквенција кај девојчињата, а раниот почеток е поврзан со потешка форма на болеста. Почетокот на болеста е резултат на интеракција помеѓу генетиката и предизвикувачите како што се инфекции, стрес, исхрана, дебелина и хемиски надразнувачи.

Генетската предиспозиција е полесно да се открие кај децата отколку кај возрасните. Семејната историја е присутна кај 35-90% од пациентите со псоријаза, од кои 30% се роднини од првата генерација.
Еве како и зошто се јавува псоријаза кај децата и кои се најчестите симптоми.

Псоријаза кај деца – видови

Најчестиот вид псоријаза кај децата е хроничната плакета псоријаза (ја имаат 75% од децата со псоријаза), проследена со еруптивна псоријаза (15-30% од децата со псоријаза). Покрај тоа, псоријазата во пеленската регија е честа варијанта што се забележува исклучиво кај доенчиња.

Хроничната плакета псоријаза е најчеста на надворешните делови на рацете и нозете, трупот и лицето. Еруптивната псоријаза се карактеризира со ненадејна појава на промени на кожата, со симетрична дистрибуција на трупот, екстремитетите и лицето.

На овие лезии може да им претходи стрептококна инфекција која може да се ресорбира во рок од 3-4 недели, или може да опстојува и да се трансформира во тешка псоријаза. Развојот на лезии во наборите и лицето е почест кај децата и е познат како инверзна псоријаза.

Псоријазата на скалпот кај децата (псоријаза на главата) има добро дефинирани, лушпести, еритематозни лезии кои чешаат. Кај децата со алопеција, косата повторно расте кога болеста е под контрола. Псоријазата на ноктите, пак, е поретка кај децата отколку кај возрасните, но може да се забележи кај околу 40% од децата.

Пустуларната псоријаза е ретка и се состои од стерилни површински пустули со прстенест распоред. Ако промените на кожата се присутни насекаде, децата може да развијат треска што често се смета за инфекција. Друга варијанта на оваа болест е еритродермичната псоријаза, која зафаќа повеќе од 90% од површината на телото и е исклучително ретка.

Симптоми за псоријаза

Симптомите на псоријаза може да варираат во зависност од возраста на детето и видот на псоријазата. Најчестите промени кај псоријазата се наоѓаат на екстремитетите (60%) и скалпот (47%). Најчестиот симптом е чешањето. Во многу случаи доенчињата имаат постојан исип во регијата на пелените, кој продолжува и покрај многуте третмани.

Постарите деца може да имаат асимптоматски лушпест исип или тешка форма на првут. Адолесцентите ги имаат истите клинички карактеристики како возрасните. Кај некои деца може да се појави Кобнеров феномен, кој подразбира појава на нови кожни лезии на претходно незасегнатата кожа.

Псоријазата се карактеризира со црвеникави промени на кожата кои се спојуваат за да формираат добро опкружени подигнати лезии со неправилни рабови, покриени со сребрено-бели лушпи. Ако лушпата се отстрани, ќе се појави точкесто крвавење, познато како Ауспицов знак.

Псоријаза кај деца и сродни состојби

Некои неодамнешни студии покажале дека децата со псоријаза имаат двојно поголема веројатност да имаат одредени состојби, за разлика од оние без псоријаза. Псоријазата е поврзана со:

-дијабетес тип 1
-ревматичен артритис
-Кронова болест
-системски лупус еритематозус
-витилиго
-алопеција ареата
-егзема
-лихен планус.

Како и кај возрасните, и кај децата често се појавува поврзаност со атопичен дерматитис. Во однос на поврзаноста со системските заболувања, децата со псоријаза имаат поголема стапка на дебелина, особено момчињата.

Главната поврзана состојба е псоријатичниот артритис. Преваленцијата кај педијатриската популација сè уште е непозната. Псоријатичниот артритис може да се појави на која било возраст, но почетокот е почест на возраст од 2 до 3 и од 9 до 12 години. Оваа состојба предизвикува болки во зглобовите и главно ги зафаќа зглобовите на рацете и на нозете.

Педијатриските пациенти со придружен артритис може да развијат увеитис (воспаление на средниот слој на окото). Забележано е дека децата и адолесцентите со оваа состојба имаат зголемен ризик од хипертензија, хиперлипидемија и дијабетес, веројатно поради високата стапка на метаболички синдром.

Ниските нивоа на ХДЛ холестерол и високите концентрации на гликоза мерени на гладно се појавуваат во раните фази на метаболичкиот синдром кај децата со псоријаза.

Псоријаза кај деца – третман

Терапијата варира во зависност од возраста на пациентот, видот на псоријазата, погодените области и степенот на болеста. Оваа состојба може да бара вклучување на неколку специјалисти, како што се дерматолози, педијатри и ревматолози.

Локални средства – како што се емолиенти, аналози на витамин Д и кортикостероиди, треба да бидат првиот избор на третман за децата со блага до умерена псоријаза. Аналозите на витамин Д и калцитриол ја инхибираат пролиферацијата на кератиноцитите и се безбедни за употреба. Кортикостероидите го намалуваат воспалението и пролиферацијата на кератиноцитите, лупењето и црвенилото.

Несаканите ефекти на локалните стероиди се поделени на локални и системски. Локалните несакани ефекти се јавуваат со продолжен третман и се поврзани со моќта на кортикостероидот и местото на апликација. Локалните третмани од втора линија вклучуваат ретиноиди, катрани, антралин и кератолитици.

Фототерапија – е алтернативна терапија за деца со хронична плакета псоријаза или еруптивна псоријаза која има незадоволителен резултат од локалниот третман. Несаканите ефекти од фототерапијата кај децата вклучуваат еритем, печење, хиперпигментација, вирусна реактивација и ризик од карциногенеза на кожата со долготраен третман. Фототерапијата е контраиндицирана кај деца со синдром на рак на кожа или генерализирана еритродерма.

Системска терапија – потребна е за умерена, до тешка болест. Метотрексат е најчестиот системски лек кој се користи за псоријаза кај децата и бара дополнување од фолна киселина. Најсериозните несакани ефекти на метотрексат се супресија на коскената срцевина, токсичност на црниот дроб и белите дробови. Други опции може да вклучуваат циклоспорин и системски ретиноиди. Циклоспорин добро се поднесува кај педијатриски пациенти и има брз ефект на тешка, пустуларна и еритродермична псоријаза.

Биолошка терапија – се користи кај педијатриски пациенти. Американската агенција за храна и лекови го одобри етанерцепт (инхибитор на ТНФ) за пациенти на возраст од четири години и постари, устекинумаб (антагонист на ИЛ-12 и ИЛ-23) за пациенти на возраст од 12 години и постари и адалимумаб (инхибитор на ТНФ), кој е одобрен во Европа за пациенти од четири години и постари.

Етанерцепт е претпочитана биолошка терапија за педијатриски пациенти и се покажало дека е ефикасен за умерена до тешка псоријаза. Тоа е инхибитор на ТНФ кој го спречува активирањето на воспалителната каскада. Студиите покажале дека етанерцептот е поефикасен и побезбеден при долготрајна употреба, во споредба со другите системски третмани како што се метотрексат, циклоспорин и фототерапијата.

Несаканите ефекти вклучуваат блага реакција на местото на инјектирање, зголемен ризик од инфекции и болести слични на настинка, реактивирање на вирусот на хепатит Б и можност за зголемување на телесната тежина.

Автор: Хрвоје Пиноза

Извор



912

X