Психотерапевтот Ејми Морин ја напиша книгата „13 работи што не ги прават ментално силните родители“, а за оние што немаат време да ја прочитаат, на „Инстаграм“ издвоила пет работи што треба да престанете да им ги кажувате на децата.
– Зборовите прават голема разлика. Ако не сте внимателни, може да им испратите порака на децата што ги учи на нездрави навики, што може да ги лишат од менталната сила и да ги спречат да го реализираат својот целосен потенцијал – вели Ејми.
Првата фраза што треба да ја исфрлите: „Не е важно“
Без оглед на тоа дали детето е загрижено поради училишната претстава или можеби се скарало со другарчето, не треба да ја намалите неговата грижа со зборовите „Не е важно“, колку и да ви се чини дека е неважно.
Наместо тоа, прифатете дека нему му е важно и помогнете му да се соочи со емоциите.
Втора фраза што не треба да ја кажувате: „Престани да плачеш“
Ејми истакнува дека нема ништо лошо во плачењето и додава дека тоа е здрав начин за искажување на чувствата. Ако вашето дете прави сцена во продавница, едноставно објаснете му дека таквото однесување не е во ред, но ставете му до знаење дека неговите емоции се.
Трета фраза: „Ти си најпаметен“
Многу родители на своето дете му велат дека е најпаметно на светот, најпаметно на училиште, но Ејми вели дека претераните пофалби повеќе прават штета отколку корист.
Четврта фраза: „Сè ќе биде во ред“
Психотерапевтот објаснува дека иако родителите на овој начин сакаат да го уверат детето дека сè ќе биде во ред, понекогаш работите едноставно не се во ред и луѓето мора да се соочат со тоа – нема секогаш да бидат тука за да го заштитат детето од такви искуства.
– Наместо да им кажувате дека нема да се случи ништо лошо, научете ги дека се доволно силни за да се соочат со сè што ќе се случи во животот – советува таа.
Петта фраза: „Смири се“
Ниту овие зборови не се добра идеја. Ако детето е вознемирено или луто, научете го да се смири, со длабоко дишење или прошетка.
– Ако се фатите себеси дека ги изговарате овие фрази, променете ја стратегијата на родителство – советува психотерапевтот.