Билјана Манасова-Јовановиќ, дефектолог, психотерапевт

Билјана Манасова-Јовановиќ, дефектолог, психотерапевт

е-пошта: sovetuvanje@gmail.com
Психотерапија и Советување Тест

Повеќе од авторот

Детството е особено значајно за психичкиот развој на детето. Во текот на првите шест години детето се соочува со многу бурен психосексуален развој

Периодот од раѓањето, па до адолесценцијата е период на големи и брзи промени. Меѓутоа, за детето да порасне во здрава и зрела личност, потребно е да помине низ неопходни развојни чекори. Развојот на личноста на детето се одвива во поединечни фази кои карактеризираат различни развојни потреби. Ако овие потреби се задоволуваат, развојниот процес може да се одвива непрекинато и дeтето ќе порасне во возрасна зрела личност.

Детството е особено значајно за психичкиот развој на детето. Во текот на првите шест години детето се соочува со многу бурен психосексуален развој. Се нарекува психосексуален бидејќи се развива психичката структура под дејство на сексуалниот нагон. Фројд разликува фази на психосексуалниот развој на детето, и тоа: орална, анална, фалусна, латенција, генитална фаза.

Орална фаза (0-18 месеци)
Анална фаза (18-36 месеци)
Фалуснa фаза (3-6 години)
Фаза на латентност (од 6 години во пубертет)
Генитална фаза (од пубертетот, па понатаму)

Првата фаза низ која поминува детето е оралната фаза. Тоа е фаза која е карактеристична во удобноста во текот на хранењето на детето. Активностите како што се цицање, гризење, доење, се орални активности кои се главен извор на пријатност на детето. Интеракцијата мајка-дете се одвива низ размена на чувство на љубов, топлина, галење. Многу е важно во оваа фаза детето да добие адекватна нега. Доколку негата изостане, може понатаму да се појави алчност и потреба за грабање, за постојано задоволување, трупање. Предвременото или, пак, одложено одвојување од дојката води до орални фрустрации или претерано задоволство. Ова може да доведе до фиксација на психичката енергија за подоцна да се развие орален карактер на личноста. Својствено за овој карактер е недоверба кон другите луѓе, песимизам, сарказам. А кога постои претерано задоволување, личноста станува оптимистична, наивна и полна со восхит кон другите луѓе. Децата што се фиксирани во оралната фаза понатаму можат да станат зависни од својата мајка и да се плашат од одвојувањето од неа.

Аналната фаза, од 18 месец, па речиси до третата година е период кога детето ја истражува својата независност, прифаќање на сопствената моќ, учење и изразување на негативните чувства, како што се агресија и бес и оди кон патот на социјализација. Во овој период се формираат темелите за сопствената вредност, како и начини за прифаќање и подредување кон некои дадени правила. Во оваа фаза детето се навикнува на контролирање на работата на дебелото црево и мочниот меур, се навикнува на чистота на хигиенските навики. Оваа фаза неретко води кон конфликти помеѓу детската и родителската волја, а траумите што се поврзани за оваа активност можат да придонесат кон фалусна фиксација или понатаму во развивање анална личност. Можеме да споменеме дека анално-агресивен и анално-застрашувачки тип на личноста своите извори на однесување ги носи во постапките со кои родителите се служеле во учење на детето во совладување на празнењето на цревата. Премногу строгите методи можат да доведат до особини кои се својствени за анално-агресивен тип на личноста, како што се суровост, несоодветно изразување на лутина и бес и крајна неуредност. Но, предавањето преголемо значење на празнењето и претерано фалење, може да доведе до претерана важност на оваа активност. Како последица на родителските постапки доаѓа до развој на анално-задржувачка личност со особини на претерана уредност, тврдоглавост, скржавост и собирање и трупање работи.

Фаличната т.е. фалусна фаза во текот на четвртата и петтата година од детството говори за период на едипална криза. Во овој период се добива свест за половите разлики и зголемен е интересот за нив. Детето станува свесно за постоењето на сопственото тело, посебна е свесноста за гениталиите. Тогаш децата се особено љубопитни за тоа зошто имаат такви полови органи, а другите имаат нешто друго, и првпат се соочуваат со разликите во половите, дека некои се момчиња, а некои девојчиња. Клучен момент во овој период од развојот е Едипалниот (Електрин) комплекс. Детето во оваа фаза станува свесно за родителите како оние што го створиле и станува љубоморно на нивниот љубовен живот. Оваа фаза ја карактеризира конфликт со родителот од истиот пол и посебно внимание за родителот од спротивниот пол. Овој конфликт се решава така што детето се идентификува на крај со родителот од истиот пол. Во оваа фаза детето исто така може да прифати и критички да ја испитува стварноста и да ги уочува разликите на зборовите и делата. Ова е периодот за илјада прашања „зошто“, бидејќи децата бараат објаснување за сè околу себе. Во епидалната фаза постои т.н. едипален триаголник кој претставува влегување на детето во друштво, т.е. група бидејќи тројца се основата за формирање група. Тогаш се развиваат натпреварувачкото чувство, љубомората, потребата за престиж, докажувањето и слично. Пред тој период децата си играат заедно, но секое си игра за себе и не ги делат играчките. Сега детето станува способно за вистинска игра со своите врсници.

Со разрешување на едипалниот комплекс и бурниот период кој го носи со себе фалусната фаза доаѓа периодот на латентност, во кој детето мирува, или период на сублимација, како што рекол Фројд. Во овој период децата ја трошат својата репресивна либидална енергија на училиштето, спортот, истополовите пријателства, на усвојување културни вредности и норми на однесување.
Тоа трае сè додека не дојде на прагот од пубертетот кога детето влегува во гениталната фаза. Детето тогаш се соочува со промени на телото и полова зрелост, тие промени водат кон повторно будење на нагонските потреби. Оваа фаза претставува рекапитулација на сите веќе поминати фази во психосексуалниот развој. Доколку сите фази се успешно завршени, личноста достигнува сексуална зрелост и ментално здравје.



912

X