Во лето има многу активности што може да им го пополнат времето на децата, но психолозите предупредуваат дека преголемиот број активности во текот на летниот распуст може само да ги одврати децата од своите вистински интереси.

„Вашата должност како родител е да ги подготвите децата да го заземат своето место во општеството. Да се биде возрасен значи да умеете да се разонодите самите на начин кој ве усреќува“, вели Лин Фрај, психолог од Лондон. „Ако родителите го трошат своето време за да го исполнат слободното време на своето дете, тоа никогаш нема да научи да го прави тоа само“, објаснува таа.

Досадувањето е неопходно за детето да развие внатрешен поттик и да стане креативно, смета доктор Тереза Белтон од Универзитетот „Ист Англија“. Психоаналитичарот Адам Филипс, пак, во 1993 година напишал: „Капацитетот за досадување е развоен стадиум кај децата“. Филипс го опишал наметнувањето интереси од страна на родителите како еден од најголемите притисоци што ги применуваат родителите, истакнувајќи дека децата мора да добијат простор да се досадуваат и полека да откриваат што навистина ги интересира.

Лин Фрај предлага и родителите и децата на почетокот од распустот да состават листа со активности што би можеле да бидат забавни, како играње карате, читање книги или возење велосипед. Потоа, доколку децата во текот на летото се пожалат дека им е досадно, треба да ги упатите на списокот за да се инспирираат.

Теоријата дека досадувањето ги учи децата да се потпрат на својата имагинација се појавила уште во 1930 година кај филозофот Бертранд Расел. Способноста да се издржи досадата е неопходна за да се води среќен живот, а таа мора да се развие во младоста. Негувањето на оваа важна особина од раното детство го зајакнува психолошкиот имунитет, сметал Расел. „Радоста на детството е во создавањето нешто од ништо, со помош на труд и создавачка фантазија“, напишал Расел.



912

X