Бабите и дедовците имаат важна улога во животот на секое дете. Помошта што им ја даваат на децата и на родителите честопати е неопходна, а новите истражувања откриваат зошто децата толку сакаат да го поминуваат времето со нив.
Ако некогаш сте се запрашале зошто вашите деца толку се радуваат кога ќе им кажете дека ќе ги однесете кај баба и дедо или зошто секогаш се тажни и превртуваат со очите кога ќе споменете дека е време да се вратите дома, психолозите го имаат одговорот.

Бабата и дедото брзо ги препознаваат детските потреби

Вајат Фишер, клинички психолог од Денвер, Америка, наведува две причини поради кои децата го претпочитаат друштвото на бабите и дедовците. Првата причина е тоа што децата објективно поминуваат повеќе време со нив, а другата причина е тоа што бабата и дедото имаат повеќе искуство во воспитување и брзо ги препознаваат детските потреби.
– Децата природно се врзуваат за оние со кои поминуваат најмногу време – објаснува Фишер.
Во денешно време двајцата родители се принудени да работат, а бидејќи често им е попрактично и побезбедно децата да им ги остават на бабите и дедовците на чување, тие изградуваат посилна врска со децата.

Бајан Тејлор, терапевт за парови, смета дека бабите и дедовците знаат како да ги разгалат внучињата и дека тоа е клучната причина поради која децата најмногу ги сакаат.
– Сите имаат потреба другите луѓе да ги третираат како значајни и важни. И родителите исто така ги ценат своите деца, меѓутоа, нивниот начин на воспитување вклучува дисциплина, инструкции, учење нови работи. Постарите тоа го прават посуптилно, се користат со примери и генерално се пострпливи, пред сè, затоа што немаат ограничено време што треба да им го посветат на децата – објаснува Тејлор.

Тој додава дека бабите и дедовците дури и не мора да потрошат многу пари за да ги усреќат децата. Тие им купуваат само ситници, но со нив им испраќаат порака дека се важни и сакани.

Имаат привилегија да ги разгалат внуците

Ново истражување, кое опфатило 1.600 мајки од Велика Британија, открило дека 53 отсто од нивните деца претпочитаат да бидат во друштво со бабите отколку со родителите.
Ова истражување наведува 3 клучни причини зошто се случува тоа. Првата е дека бабите ќе ги разгалат, втората е дека бабите сè им дозволуваат, а третата е храната, која им е повкусна кога ќе ја подготви баба отколку кога ќе ја зготви мама.

Секако, постои причина зошто бабите и дедовците ја имаат таа привилегија да ги разгалат децата. Тие не им се родители и штом ќе се искомплицира работата, можат да ги испратат дома.
На крајот на краиштата, вие сте им родители на вашите деца и никој не може да ве замени. Ако вашето дете повеќе ги сака баба и дедо, тоа не е важно. Сè додека на вашите деца им покажувате колку се важни и сè додека поминувате квалитетно време со нив, нема зошто да се грижите. Тие знаат дека ги сакате најмногу на светот и тоа единствено е важно.

Времето што детето го поминува со баба и дедо му остава најголеми и најубави спомени од детството!



912

X