Иако понекогаш е сосема разбирливо родителите да се расправаат меѓу себе пред своите деца, психолозите предупредуваат дека честите расправии во кои е присутно дете може да резултираат со негативни последици врз неговото физичко, а особено врз менталното здравје. Имено, многу истражувања покажале дека нивото на стрес алармантно се зголемува кај децата кои се принудени често да ги гледаат и слушаат расправиите на нивните родители.
Како што објаснуваат психолозите, детето чии родители често се расправаат може да се чувствува несигурно во својата околина, да ја изгуби самодовербата и да има зголемен ризик од депресија и други ментални нарушувања. Имено, за детето, неговото семејство е безбедна средина, а доколку има впечаток дека не го добива тоа од родителите, малечкото ќе почне да се повлекува во себе.

На ист начин, детето кое како малечко постојано ги гледало расправиите на своите родители, многу веројатно ќе прерасне во возрасен човек кој не знае како да ги решава конфликтите или несогласувањата со другите на мирен начин. Токму моделите што ги гледаме од нашите родители се тие што нè обликуваат подоцна во животот.
Истражувањата покажале дека децата чии родители имаат тенденција да ги решаваат своите несогласувања со викање или физичко насилство, дури и пред нив, се посклони кон врсничко насилство бидејќи го копираат она што го гледаат дома.