Додека беснее војната меѓу Израел и Хамас, многу родители се принудени да водат тешки разговори со своите деца. Затоа психологот Џенифер Хартштајн споделила совети како да разговарате со децата за конфликтот.
Поставувајте отворени прашања
Големи се шансите децата некаде да дознаат за војната. Д-р Хартштајн советува да се отвори темата на многу лежерен начин со прашањето: „Многу нешта се случуваат во светот. Дали си слушнал нешто?“
Ако детето одговори со „не“, важно е да ја одржувате комуникацијата отворена, па јасно да му кажете на детето дека може да ви се обрати доколку дознае нешто.
„Особено е важно да одвоите време да слушате и да одговорите само на она што децата го прашуваат, особено ако се помлади“, истакнала таа.
Разговарајте за социјалните медиуми
Според Хартштајн, подиректен пристап треба да се преземе со постарите деца. Таа препорачува да седнете со децата и да ги прашате што гледаат на социјалните мрежи.
Иако многу училишта ги повикале родителите да ги избришат апликациите за социјалните мрежи од телефоните на нивните деца, д-р Хартштајн вели дека тоа е многу тешко. Затоа ги советува родителите да им помогнат на своите деца да го филтрираат она што го гледаат.
Обрнете внимание на промените во однесувањето
Ако однесувањето на вашето дете се промени, од клучно значење е веднаш да го препознаете тоа. Психологот се залага за отворен пристап и во оваа работа.

„Кажете му на вашето дете дека изгледа раздразливо, преморено или тажно. Кажете му дека сте загрижени за него“, предлага таа, истакнувајќи дека треба да обрнете внимание на раздразливоста, тагата, вознемиреноста и фрустрацијата.
Извршете проверка на себе
Д-р Хартштајн нагласува дека исто така е важно родителите да се грижат за сопственото ментално здравје во овие тешки моменти.
-Бидете свесни како се чувствувате за да можете да бидете поприсутни за вашите деца. Исто така, не плашете се да кажете „не знам“ кога ви недостигаат информации. Тоа може да биде одлично време за заедничко учење со децата – заклучила таа.